top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промоција на пет реобјавени дела од Блаже Конески, во чест на стогодишнината од неговото раѓање

„Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“ е промотивниот настан што ќе се одржи на 16 декември, со почеток во 19 часот, во фоајето на Националната опера и балет.

На свеченоста ќе бидат промовирани пет дела од Блаже Конески, кои во чест на стогодишнината од неговото раѓање ги реобјави издавачката куќа „Арс Ламина“. Станува збор за стихозбирките „Везилка“, „Црква“, „Црн овен“ и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ и „Збор и опит 2“.

На промоцијата ќе се обратат академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Иван Џепароски и проф. д-р Димитар Пандев, модератори ќе бидат Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ. Во програмата се предвидени и проекција на видео, специјално снимено по повод јубилејот, како и рецитал, во кој познатиот актер Ѓорѓи Јолевски ќе чита избор песни од Конески.

Во стихозбирката „Везилка“, каде што автор на поговорот е академик Урошевиќ, се присоединети песните од збирките „Везилка“ и „Стерна“. Тука се собрани најпознатите песни на Конески: Везилка, Стерна, Одземање на силата, Болен Дојчин… Истовремено, тие се и најпарадигматични за неговата поетика, затоа што преку нив, Конески го артикулира народниот дух на својата земја, обработен низ своите лични искуства.

Во стихозбирката „Црква“, која е со поговор на проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, носечка е истоимената песна Црква, во која лирскиот субјект, кој е, всушност, гласот на самиот Конески, пее за тагата од сознанието дека сакаат да ја урнат црквата во родното село Небрегово и која, според кажувањата, одиграла клучна улога во отстапувањето од таа намера. Освен оваа песна, стихозбирката содржи тематски сродни мотиви што се однесуваат на религиозни празници и на светци што се поврзани повеќе со неговата семејна традиција, отколку со неговата набожност.

„Црн овен“ е со поговор на проф. д-р Зоран Анчевски. Станува збор за последната реч во долгото и богато творештво на Блаже Конески, стихозбирка во која на величествен начин го заокружува и го коментира сопствениот опус. Збирката ја сочинуваат песни и препеви поделени на два дела – насловени „Отпор“ и „Пораки од исток“ – двата обединети околу симболот на црниот овен, симбол извлечен преку креативна интерпретација на народна традиција на принесување курбан од бел овен за празникот Св. Атанас, со што се означува крајот на еден годишен циклус и почетокот на нов. Така, песните и препевите во духот на црниот овен главно говорат за разочараноста и резигнираноста од животот, обележани со многу меланхолија и тага. Но, „Црн овен“ е исто така збирка за проштавањето и барањето прошка; за убави спомени на прекрасни пејзажи и богати софри; збирка за животот, смртта и поезијата.

Двотомниот избор од творештвото на Конески „Збор и опит: избор од книжевното творештво“ го приредија универзитетските професори Иван Џепароски и Димитар Пандев. Осмислени по повод стогодишнината од раѓањето на Конески, овие две книги треба да претставуваат краток вовед во неговото дело, избор од најважното што го создал во доменот на книжевноста и во доменот на науката.

„Збор и опит 1“ со избор и предговор на проф. д-р Иван Џепароски ги сочинува најдобрите творби од богатиот уметнички опус на Блаже Конески, од поезијата, прозата и есеистиката. Почнувајќи од неговите први песни објавени во четириесеттите години на 20 век, сè до последната стихозбирка „Црн овен“ од 1993 година, целото поетско творештво на Конески е сумирано во овој избор. Потоа се надоврзуваат текстови од кратката проза, од раната збирка „Лозје“ до „Дневник по многу години“, а изборот се заокружува со неговите најпознати есеи, вклучувајќи го и култниот „Збор и опит“.

„Збор и опит 2“, кој е со избор и предговор на проф. д-р Димитар Пандев, ги содржи најважните дела од богатиот научен опус на Конески, од неговите трудови и есеи посветени на лингвистиката, историјата и книжевноста. Тука се трудовите од областа на општата лингвистика и историјата на македонскиот јазик, јазичните и стилистичките анализи на песни низ историјата на македонската литература, како и портрети и прикази на култни личности и институции од нашата историја: Охридската школа, Крсте Мисирков, Кочо Рацин итн. Оваа книга го потенцира двојниот статус на Конески, како уметник и како научник и ги прави неговите трудови достапни за пошироката публика.



1 view

Comments


bottom of page