Промоција на новиот и на уште три евергрин романи од Влада Урошевиќ
Најновиот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ (1934) ќе биде промовиран вечерва (23 февруари) со почеток во 19 часот, во кино „Фросина“, Младински културен центар. На свечената промоција ќе бидат претставени и неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Промотори на книгите ќе бидат Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а ќе се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот ќе го модерира уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ. Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни… Влада Урошевиќ (17. 10. 1934, Скопје) е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Твори во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод.
Comments