Промоција на најновата книга на Борче Грозданов: „За навек и преку векот до небесното царство…“ – по
Промоција на најновата книга на Борче Грозданов: „За навек и преку векот до небесното царство…“ – поема за болката и радоста на постоењето„За навек и преку векот до небесното царство“ е наслов на најновата книга на пензионираниот новинар и театарски критичар од дневниот весник ВЕЧЕР, Борче Грозданов, која ќе биде промовирана ма 10 ноември во 19 часот, во кафе „Браво“ во Буњаковец. Произлезена од болката која не стивнува, од болката кон неговата љубена… поетесата Катерина, ова писание, поточно поема, излегува пред јавноста на точно една година од нејзиното прерано и ненадејно заминување во вечноста…
За поемата на Борче Грозданов, режисерот и сценограф Бранко Ставрев ќе рече: „На оној што го познава одблиску авторот на овој лирски пев не му е тешко под силноемотивните стихови да ја открие приказната на неговиот сопствен живот, која тој без задршка му ја предочува на читателот, преточувајќи ја во поема посветена на неговата животна сопатничка и муза – Катерина (Кети). Станува збор за подолга песна, која како река понорница протекува час низ видното поле на реалноста, час под имагинарните бездни на земјата, отсликувајќи сцени на жизнерадостност и убавина, но и на плач и тага едновремено“.
А Катерина, таа беше поетеса, автор на книгите „На попатнина кон дома“, „Трпеза“, „Жена“, „Жена 2 “ и на нивната заедничка книга: „Љубов – патешествие“, „душа врз која се гради смирение, верност, искреност…“.
Ставрев во својата реч кон делото се потсети и на една случка. „Ги видов еднаш Катерина и Борче во една соба на државната болница како низ детска ѕвонлива смеа и безгранична верба се обидуваа да му го вратат изгубениот глас на големиот македонски актер Мите Грозданов, кој беше нивен татко и потпорна греда во животот и уметноста им и таа трогателна човечка слика се врежа длабоко во моите спомени засекогаш, како сведоштво за една девствена и непорочна љубов, што е средишна точка на поетскиот непробол“.
Македонскиот поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач Ефтим Клетников, пак, посочува: „Поемата на Борче Грозданов е поема на болката и радоста“. Тој исто така посочува дека љубовта која е вечна „ги одржува во рамнотежа силите на животот и смртта и силите на космосот. Имено, тоа е и основната порака на поемата на Борче Грозданов напишана и покрај сета болка во еден оригинален стил, во кој им е уделено внимание како на даровите на болката, така и на даровите на радоста од постоењето“.
Специјални гости на промоцијата ќе бидат бендот „Културно уметнички работници“ и Добрила, а стихови ќе чита Зорица Панчиќ. (Д.Т.)
Comments