top of page

Промоција на монографија за македонскиот композитор Кире Костов

14.10.2025 Oktomvri Vtornik

Вo среда од 19 часот во книжарницата Литература.мк во Дајмонд мол во Скопје ќе се одржи промоција на монографијата за животот и делото на маестро Кире Костов, трубач, диригент, аранжер, педагог и еден од најистакнатите и најплодни македонски композитори.

Монографијата е дело на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, содржи околу 250 страници и претставува сведоштво за неговиот творечки опус – од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни како „Летај галебе“, „Твоите очи сине“, „Тајно моја“, „Кога те нема“, „Што те нема“, „Бела птица“ и многу други кои се културно наследство што ја збогатува македонската музичка ризница.

Кире Костов во текот на својот живот создал околу 700 класични, поп, народни и џез композиции, секаде вткајувајќи го препознатливиот македонски мелос, но оставајќи свој длабок автороски печат. Меѓу другото, еден е од основачите на музичкиот фестивал за деца „Си-до“ и се јавува како композитор на голем број песни за деца, а во поранешна Југославија бил единствен нејзин претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија.

Реализацијата на монографијата е иницијатива на неговата сопруга, Кармен Костова. Пред да биде претставена летово во рамките на Битфест во Битола, имаше радио-промоција на Радио Бубамара.

Кире Костов е роден на 14 септември 1949 година во Битола, а почина на 27 јули 2023 во Скопје.

Во негова чест, на 11 ноември во Националната опера и балет ќе биде одржан концерт на кој голем број македонски изведувачи ќе претстават дел од богатиот творечки опус на Костов. Ф.Д.

ree
ree

 
 
 

Comments


bottom of page