top of page

Промоција на „Моите приказни“ на Киро Донев по повод 80-от роденден на познатиот писател за деца

21.03.2022 Mart Ponedelnik

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја објави книгата на Киро Донев „Моите приказни“, којашто претставува избор од неговите раскази, а публикувањето се совпаѓа со 80-тиот роденден на Киро Донев и 55-годишнината од неговата прва книга.

Книгата ќе биде претставена на 22 март, во 12 часот, во Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, пришто ќе се одржи и пладневна роденденска средба со Киро Донев. Притоа, пред читателите ќе биде претставена и специјалната серија на изданието од 80 примероци, што симболично го одразува 80-тиот роденден на Киро Донев.

Книгата „Моите приказни“ содржи 80 раскази и претставува избор од неговите книги со раскази. Почнува со неговата автобиографска приказна, а е поделена во неколку целини: „Од дневникот на Зорка Сештозбрка“, „Од дневникот на Васко Пикаско“, „Дарко во зоо паркот“, „Приказни од куќичката на дрво“ и „Приказни за годишните времиња“.

Киро Донев е меѓу најчитаните и најпреведуваните македонски писатели за деца. Досега се публикувани близу 50 негови книги, а „Моите приказни“ е десетта негова авторска книга објавена од „Македоника литера“. Киро Донев е познат и широко прифатен од младите читатели по инвентивниот хумор и ведрината во неговото творештво. Неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици. Живее во родното Моноспитово, Струмичко.

ree

 
 
 

Comments


bottom of page