Промоција на „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска
Книгата ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година. Издавач е Центарот за култура и културолошки студии од Скопје
Во четврток, 15 јули 2021 година во дворот на Педагошкиот факултет во Битола, со почеток во 10 часот и триесет минути, ќе биде промовирана книгата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска, во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. Книгата ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година. На промоцијата ќе говорат Мишел Павловски, Гордана Стојаноска и Весна Мундишевска-Велјановска.
Во образложението за наградата „Стале Попов“ за „Математичка поезија“ се вели:„Лирските мотиви во книгата се остварени низ една повеќеслојна поетска структура со математички признаци кои ја раскажуваат бескрајната приказна на човекот. Даниела Андоновска-Трајковска со вешт и едноставен поетски јазик анимира геометриски форми за да ги прикаже човечките слабости и доблести, т.е дека денес се живее само на една права и дека најчесто луѓето денес се темиња на триаголник кој цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заточеници на своите остри агли, но таа ни ја предочува и нашата вистинска природа и ни ја покажува и линијата на животот и сфаќаме дека сме отсечки кои се продолжуваат на двата краја, дека рамнокракиот триаголник станува дом, а цел живот градиме прави агли по кои тече нашето време…“
Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на докторски студии со објавени над 100 научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и на Битолскиот книжевен круг (БКК), на Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде е претседател на Уредувачкиот совет и на повеќе меѓународни професионални тела. Главен уредник е на списанието „Раст“ (БКК), уредник е и на списанијата „Современи дијалози“ (МНД) и „Книжевни елементи“. Ги има објавено поетските книги: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, 2015), „Црна точка“ (2017), „Стапалки“ (2017), „Три“ (2019), „Куќа на контрасти“ (2019), „Електронска крв“ (2019), збирката раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), две меѓународни публикации за водачи во образованието (2013) и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Преведена е на повеќе светски јазици и добитник на неколку книжевни награди (Носиде, Италија (2011), Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019) и Караманов (2019).
Comments