Промоција на книги од Пандев и Димоски на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ
Во рамките на традиционалната соработка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Општина Охрид, денес, на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, ќе бидат промовирани книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе (Ѓорѓо) Димоски и „Славе (Ѓорѓо) Димоски во книжевната критика (македонска и светска)“ од проф. д-р Димитар Пандев. Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, со почеток во 20 часот. Пред присутните ќе се обрати и претставник на Општина Охрид, а промотор на двете изданија ќе биде ас м-р Иван Антоновски. Изминативе години на летните школи на МСМЈЛК при УКИМ, пред семинаристите – странски македонисти и слависти, редовно се промовираат изданијата на Општина Охрид, кои се важни за македонската книжевност и култура, а за сите учесници редовно Општината обезбедува и бесплатни примероци, кои потоа стануваат дел од славистичките библиотеки на универзитетите во светот. Важно е што со оваа промоција традицијата продолжува. Преку едната од книгите што ќе бидат промовирани денес странските слависти и македонисти, особено оние од помладите генерации, ќе може подетаљно да се запознаат со она што е напишано за светите Климент и Наум Охридски во науката од почетокот на славистиката па наваму, вклучително и за нивното значење за просветителската дејност на македонската почва и воопшто во словенскиот свет, а од друга страна, и со присуството на култот кон светите браќа засведочен во македонската книжевност – народна и авторска. Преку другата книга, во која на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и воопшто творештвото на Славе (Ѓорѓо) Димоски, семинаристите ќе може подетаљно да се запознаат со вредностите на опусот на еден од најистакнатите современи македонски поети, а некои од нив и да ги надградат своите досегашни сознанија имајќи ги предвид присуството на творештвото на Димоски во наставата на некои странски универзитети и преводите од неговата поезија на триесет јазици. Покрај овој настан, годинава, Општина Охрид дава поддршка на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ и со тоа што за сите семинаристи од 18 држави ќе организира и посета на дел од културното наследство на градот Охрид.
Comments