Промоција на книгата „Новиот алгоритам на Србија“ во Македонија
„Новиот алгоритам на Србија“ (Нови алгоритам Србије) е насловот на книгата од авторите Бранко Димитријевиќ и Мирјана Прљевиќ чија промоција ќе се одржи на 1 септември, со почеток од 11 часот во просториите на МСУ „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе.
Авторите Димитријевиќ и Прљевиќ, во „Новиот алгоритам на Србија“, кој се смета за прв деловен роман објавен на српски јазик, уверуваат дека е можно да се постигне враќање во матрицата на интегрираната мудрост што може да се користи во секоја област од животот.
Според издавачот „ХЕРАеду“, во деловниот роман се претставува најновата теорија на сознанието во областа на управувањето со организациите и човечките ресурси преку воведување прецизни постулати на системот за квалитет. „Авторите пристапиле кон матрицата на интегрирани вредности преку интересен наратив кој говори за враќањето од странство на истакнати поединци со завидни кариери во науката, со цел нивните уникатни искуства да ги применат во Србија. Оттука, овој деловен роман дава една оптимистичка визија за развојот на природните потенцијали со кои ова поднебје располага, па така никако не може да се прескокне ни алгоритмот T.E.S.L.A.“, истакнува српскиот издавач.
За д-р Милко Штимац, пак, авторите целата теорија на сознанието, на што единствено може да почива успехот, го преточиле во роман во низа интригантни дијалошки пасажи, така што читателот би разбрал каде секој човек греши, дури и каде секој народ греши и што треба да преземе за од погрешната матрица на животот, во која постојано ги повторува истите фатални потези, повторно фати правец кон развојот. Бидејќи како што тврдат авторите „Знаењето не е моќ, знаењето е потреба“.
Мирјана Прљевиќ е светски познат советник со над 25 години искуство во стратешко позиционирање во областа на претприемништвото. Нејзината книга Практикум „Стратегија за позиционирање како клуч за успех“ е објавена на седум јазици. Автор е на десетици стручни текстови и анализи од областа на стратешкото позиционирање на држави, градови и организации, енергетска ефикасност, одржлив развој, бизнис дијагностика, младинско претприемништво и старт-ап компании.
Бранко Димитријевиќ, пак, триесет години е активен во изучувањето на теорија и пракса во областите водење системи и управување на деловни организации. Автор е на повеќе дела од областа на водење системи, управување и воспоставување на организациска култура потребна за добро работење.
Comments