top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промоција на книгата „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска

Книгата „Две минути и четириесет реда“ од авторката Александра Јуруковска ќе биде промовирана вечерва на платото пред Младинскиот културен центар. Станува збор за збирка радио-критики, како и новински критики пишувани во период од петнаесетина години за весници, списанија и портали.

Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамки на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации. Текстовите ги следат стилските обележја на новинската критика, на згуснатиот новинарски израз, пишувани се во јасен стил и на разбирлив јазик, а наменети се за пошироката публика.

Александра Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите. Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во земјава. Нејзините новинарски текстови, рецензии и есеи за литература и театар се објавувани во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во државава. Учествувала на повеќе конференции и научни дискусии од областа на културата и медиумите. Од 2008 до 2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ (Авант прес, 2018) е интердисциплинарна студија за третманот на културата во македонските медиуми. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на редакцијата на гласникот „Стожер“ – гласникот на ДПМ.


1 view

Comments


bottom of page