top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промоција на „Книга за Чинго“ на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охр

24.08.2021 Avgust Vtornik

Во рамки на програмата на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ што се одржува во Охрид вечерва ќе биде промовирана монографската публикација „Книга за Чинго“, приредена од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а објавена од Општина Охрид.

Станува збор за капитално дело во коешто на 357 страници се поместени бројни прилози на еминентни имиња, научни трудови, есеи, записи, спомени, осврти и други жанрови низ кои се претставуваат вредностите на делата на Живко Чинго, еден од бардовите на современата македонска книжевност.

Книгата претставува и опсежен книжевен портрет на Чинго. Застапени се повеќе домашни и странски автори, меѓу кои: Димитар Митрев, Милан Ѓурчинов, Георги Старделов, Матеја Матевски, Петар Т. Бошковски, Слободан Мицковиќ, Луан Старова, Јадранка Владова, Кшиштоф Вроцлавски, Олга Панкона, Маќеј Кафка и други.

Покрај бројните толкувања, есеи, согледби и огледи од повеќе автори кои го расветлуваат комплексното Чингово дело, во неа се застапени и текстови за кои самиот Чинго е инспирација. Збогатена е со поглавја во кои се објавени текстови од македонски писатели, коишто потврдуваат дека Чинго, во изминатите децении бил инспирација за многумина: „Чинго во песни“ (Анте Поповски, Јован Котески, Ристо Лазаров …), „Чинго во раскази“ (Васе Манчев, Крсте Чачански, Коста Фортомар …), „Чинго во анегдоти“ (Трајан Мартиновски), „Чинго во спомените на писателите“ (Петар Т. Бошковски, Луан Старова, Волф Ошлис, Кшиштоф Вроцлавски, Влада Урошевиќ, Ристо Лазаров и други).

Окосница на книгата е текстот на Димитар Пандев, „Јазикот на Чинго меѓу стилските синтези на Конески и јазичните слоеви на Ѓурчинов“.

Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид со почеток во 19 часот. Промотивна реч ќе одржи проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, а ќе се обрати и претставник на Општина Охрид. За сите заинтересирани коишто нема да бидат во можност физички да присуствуваат на промоцијата на ова капитално дело, овозможен е пренос во живо преку официјалната страница на социјалната мрежа „Фејсбук“ – https://www.facebook.com/msmjlk.


1 view

Comments


bottom of page