top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промоција на Избраните дела во десет томови од Раде Силјан во Штип

Во уметничката галерија при Домот на културата „Ацо Шопов“ од Штип утре на пладне ќе се одржи промоција на Избраните дела во десет томови од современиот македонски писател, Раде Силјан. Книгите се проследени со толкувања од Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Витомир Митевски, Луан Старова, Паскал Гилевски, Гоце Смилевски, Санде Стојчевски, Стефан Влахов-Мицов, Сретен Перовиќ, Думитру М. Јон, Елисавета Касабова, Ефтим Клетников, Миќа Цветиќ, Веле Смилевски, Мирољуб Стојановиќ и Христо Георгиевски.

За значењето на овој авторски и издавачки проект ќе говорат академик Витимор Митевски и писателката Марина Мијаковска.

Раде Силјан е автор на осумнаесет стихозбирки, на единаесет дела од доменот на критиката и есеистиката и на петнаесет антологии од македонската драма, расказ, поезија и критика. Приредил триесетина повеќетомни избори од творештвото на врвни македонски писатели и научници, на јубилејни изданија на знаменити дела од нашето книжевно минато, како што се „Зборникот на Миладиновци“, „За македонцките работи“ од Мисирков, „Бели мугри“ од Рацин на сите словенски јазици, монографии и студии за македонскиот фолклор, за македонската народна митологија, за средновековното македонско сликарство и копаничарство, стотина преводи на светски класици и современи автори од сите меридијани. Дваесет и шест негови книги се преведени на повеќе јазици. Добитник е на национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на книжевните награди „Браќа Миладиновци“ за најдобра книга на Струшките вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ и „Димитар Митрев“ на Душтвото на писателте на Македонија, како и на државните награди „11 Окромври“ и „Св. Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата.


0 views

Comentários


bottom of page