Промоција на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски по повод 70 години од раѓањето на Горан Сте
Промоција на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски Книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски објавена од издавачката куќа „Полица“ по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ќе биде промовирана в сабота (15 октомври), со почеток во 12 часот. Промоцијата ќе се одржи во Дебар Маало, кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“, на скверот „Јас и ти“. Добивај вести на вибер „Идентитетот е приказна“ е прва книга во која детално се анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски и се оценува како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата ќе биде актерот Благоја Чоревски кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена. На настанот ќе се слушнат и фрагменти од есеи на Стефановски со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски, при што ќе бидат прочитани фрагменти и од неговиот последен, тестаментален есеј – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“. Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, на промоцијата ќе учествуваат и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска, како претставници на генерациите заради кои денес треба да се разберат голем дел од пораките во есеите на Стефановски, анализирани во книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка од Министерството за култура, како проект од национален интерес. Оваа промоција на „Идентитетот е приказна“ ќе се одржи со поддршка од Општината Центар и на настанот ќе се обрати и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. Во рамките на настанот е предвидено и дружење на присутните со споделување спомени за Горан Стефановски и разговори за книгата „Идентитетот е приказна“, овозможено со поддршка од винарската визба „Тиквеш“. Инаку, книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, според оцените на универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар Венко Андоновски е не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на есеистиката на Горан Стефановски. – Студијата на Антоновски е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – истакнува Андоновски во изданието. Според оцените на универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, книгата „Идентитетот е приказна“ е студиозна и високо книжевно-критичка анализа на есеистичкото творештво на Горан Стефановски, која покажува дека тоа творештво може да се чита од повеќе аспекти релевантни не само за книжевната наука, туку и за културологијата во поширока рамка, а кои се веќе референтни и за македонската книжевна историја. – Низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски засилен со исклучителен број научноистражувачки места, оваа книга дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби за оваа проблематика, како и дека ќе поттикне и отвори низа други прашања кои може да станат појдовни точки за некои понатамошни, нови истражувања на полето на македонската книжевност и македонската култура. – констатира Мојсова-Чепишевска. Настанот во сабота, крај „Клупата на Горан Стефановски“ ќе биде прва промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ откако таа веќе е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“ во Скопје, а наскоро ќе биде достапна и во другите поголеми книжарници во земјата.
Comments