Промоција на збирката раскази „Двојна експозиција“ од Игор Анѓелков
Збирката раскази „Двојна експозиција“ во издание на „Или-или“ од Игор Анѓелков ќе биде промовирана на 6 септември, во МКЦ Клуб ресторанот (20 часот). Промотори се Ана Мартиноска и Владимир Мартиновски, а музички настап ќе има актуелниот скопски бенд „Хајка“. По својата прва книжевна објава, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), авторот ѝ се враќа на кусата прозна форма со дванаесет нови раскази поделени во шест целини, при што секоја од нив следи една животна фаза, од раѓањето кон смртта.
– Анѓелков, со манир на зрел и искусен писател, успева да ја вметне својата поента во израз доволно концизен за да се потврди како квалитет на краткиот расказ, но не претерано збиен, туку во прецизна мера натопен со описи и дигресии кои се освежувачки и му додаваат текстура на напишаното без притоа да ја обременат основната наративна нишка…“, посочува Ана Мартиноска.
Игор Анѓелков (1974) е автор и на романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020). Тој зад себе има и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).
Comments