Промоција на „Заспаниот град“ на Мартин Вопенка
Промоцијата на книгата „Заспаниот град“ со гостување на чешкиот писател Мартин Вопенка е закажана денеска, во 18 часот, во салата „Борис Трајковски“. „Заспаниот град“ е во издание на „Бата прес“, во рамките на проектот „Отворени книги, отворени граници“ поддржан од Европската Унија.
Главните ликови во „Заспаниот град“ се четири храбри и решителни деца.
– За карактерите на тие браќа и сестри, главните ликови на книгата, се инспирирав од своите деца. Во сите ситуации си ги претставував нив. Мислам дека децата можат да покажат повеќе од тоа што мислиме ние возрасните. Во младата генерација има огромен потенцијал, кој постарата генерација некако го потиснува, наместо да ги мотивира децата. Така што си мислам дека е важно децата во литературата да си најдат херои од своето време, со кои ќе можат да се идентификуваат. Јас многу размислувам за нашата цивилизација, за нејзината иднина и за тоа колку е кревко самото човештво и колку малку треба од луѓето да се направи убиствена толпа. Во делото „Заспаниот град“ ги поставив децата во ситуација каде што човештвото пропаѓа, но сепак вметнав во нив голема надеж – вели Вопенка.
Според книгата е снимен и истоимениот филм.
– Само по себе, пишувањето за мене е една голема авантура. Затоа и не се задржувам само на еден литературен жанр, исто како што не патувам и на истите места. Благодарение на студиите по физика напишав и неколку книги за возрасни од иднината. Ме интересираат иднината на човештвото и сите мистерии на универзумот и материјата. Мислам дека овие книги допрва ќе бидат објавени низ светот – дополнува Вопенка.
Мартин Вопенка е роден на 8 септември 1963 година, во Прага. Сопственик е на издавачката куќа „Прах“. Мартин Вопенка ја освои наградата „Златен венец“ за најдобра литература за млади во 2016 година за книгата „Новата планета“. Негови книги се објавени на англиски, полски, руски, арапски, романски и македонски јазик.
Comments