Промоција на „Записи“ од Каролина Мицевска
„Записи“ е новата книга од Каролина Мицевска, која ќе биде промовирана утре, од 18 часот, во киното „Мис стон“, при ЦК „Марко Цепенков“. Ова е втора книга од Мицевска, во која преку три целини се отсликани настани во Прилеп, но и луѓе што придoнеле за градот, луѓе што биле во посета во изминатите 30 години.
– Книгата е слика, мал исечок од она што сум го запишала низ годините. Таа, поделена во три целини – репортажи, интервјуа, други текстови, е потсет за едно време, состојби, луѓе. Станува збор за одбрани новинарски текстови, објавувани во изминатите 30 години во весниците „Нова Македонија“, „Народен глас“, „Зенит“…, кои ќе се читаат со задоволство – вели Мицевска.
Промоторка на книгата е новинарката Елизабета Арсоска.
-„Записи“, oва едноставно име е најмалиот заеднички содржател на тридецениската новинарска авантура на Мицевска, која одлучи на едно место да ги собере само најзначајните текстови со свој потпис. „Записи“ е ризница во која грижливо се одбрани новинарски бисери, меѓусебно неповрзани и објавувани низ годините, но чија вредност токму во ваква форма го достигнува максимумот. Текстовите жанровски се поделени на три целини од вкупно 60 наслови, кои сепак носат ист печат, ист сензибилитет. Отскокнуваат од просечноста, го надраснуваат новинарскиот израз и се стремат кон повозвишеното. И во сите три дела е содржана убавината на пишаниот збор на Мицевска, нејзината страст кон патувањата и острото око, кое забележува детали, нејзината дарба да го извлече најактуелното и најинтересното од интервјуата и, најмногу од сѐ, нејзината умешност како роднокраен гласник надалеку да се слушне за пелагониските природни и културно-историски убавини… И сите текстови се напишани со еден несекојдневен израз, баланс меѓу новинарската и креативната реч, кои ретко кој пишувач може да ги израмни. Речениците го надраснуваат стерилното новинарско изразување и се приближуваат кон книжевното, што најмногу се чувствува во првиот дел, во 20 наслови од репортажите. Плодот на новинарската инспирација што Мицевска ја доживува со сите свои сетила ја чувствува и ја пренесува, ја буди имагинацијата и на читателот. Нејзиното едноставно впуштање во авантура е автентично, едноставно и лесно. Го внесува читателот на интересни локации, некои малку познати, а други афирмирани дестинации во кои авторката повторно открива помалку познати факти. И на тие импресивни патувања, таа вешто успева да му ја пренесе приказната на читателот, без разлика дали станува збор за модерна европска метропола или за некое малку заборавено прилепско село. Прилеп е нејзина вечна инспирација и лајтмотив, но и Стибера, Зрзе, Дрен, Дервен… Делови од текстовите во „Записи“ остануваат како трајна вредност и документ, кои во годините што доаѓаат можат да послужат како извор за истражувачите. Тоа е и умешноста на Мицевска, што во својата пишана нарација успева да направи баланс меѓу објективното и субјективното и да го наведе читателот да го доживее моментот – вели промоторката Арсоска.
Каролина Мицевска е дипломирана новинарка, магистерка по комуникациски менаџмент и односи со јавноста. Работи како советничка за односи со јавноста во НУЦК „Марко Цепенков“.
„Записи“ е втора нејзина книга. Прва беше стручната „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“.
Низ годините била соработничка со текстови во повеќе монографии. Објавува трудови во ДНУ-Прилеп, учествува на меѓународни конференции, а реализирала и десетина самостојни и групни изложби на фотографии во земјава и во странство.
За промоцијата на Прилеп во 2016 година ја доби наградата „Трети ноември“ на градот Прилеп.
Comments