top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промоција на „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска

08.04.2024 April Ponedelnik

Книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска, која претставува своевиден пресек на состојбите во домашната кинематографија во периодот од независноста на државата, без малку до денес, ќе биде промовирана во „Јавна соба“ на 10 април од 18:30 часот. Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски. Промоцијата ќе биде проследена и со џез-концерт на нашите еминентни музичари со Гоце Стефковски квартет во состав: Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Филип Динев, Кирил Кузманов.

На стотини страници, од перспектива на авторката, книгата дава опис на развојот на кинематографија во период од три децении, не исклучувајќи го влијанието, односно политичките и социолошките фактори врз промените во нашиот филм. Книгата, како што вели авторката е „посветена на сите сонувачи што ги создадоа темелите на независната продукција и оние што беспоштедно ќе ги градат новите патеки“.

„На што можеа тогаш да се потпрат оние кои функционираа во дотогашниот организиран филмски систем, кој можеби не беше идеален, но беше единствено познат? И тука, точно како обид да се занимаваш со сервисирање вселенски летала во земја во која нема ниту авионска индустрија, земја втурната во транзиција и економска несигурност, почнаа да се реорганизираат тие филмски честички и да создаваат нова филмска историја. По три децении, храброста и лудоста на оние кои ги поставија темелите на независните продуцентски куќи оформија ново соѕвездие кое има достојно место на филмското небо. Овие редови немаат амбиција да калкулираат или, пак, да поентираат во празно, туку се обид да дадат еден базичен приказ на сите бури и мирни мориња што ја заплиснаа нашата кинематографија во изминатите триесет години“, се вели на почетокот на книгата.

„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е илустриран со плакатите од филмовите, што претставува нивна прва систематизирана објава на едно место, а вклучени се сите достапни плакати во архивата на Кинотеката.

„Книгата стручно ги истакнува сите причини и последици од македонското филмско творештво од 1991 до 2021, години на политички премрежиња, на  уметничко деморализирање, на општествено девалвирање, но и на одлучната македонска борба да се опстои, па дури и во филмска смисла, да се пронајде вистинскиот филмски збор, да се направи оптимален филмски избор, во разбрануваното море неприлики, оти ние сме борбен народ, нели. На страниците на ,Дискретниот шарм на македонскиот филм’, поместени се и историографски, но и статистички податоци за конкурентноста на македонскиот филм на најзначајните филмски натпреварувања“, пишува рецензентката на книгата Ана Кубин.

Ана Василевска, (Скопје, 1975) е новинар, филмски теоретичар, критичар. Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.


0 views

Comentários


bottom of page