Промоција на „Бигор шарпланинецот“ од Ферид Мухиќ во КИЦ
На 15 ноември, среда, во Културно-информативниот центар, со почеток од 19.19 часот, ќе се одржи промоција на новата книга од Ферид Мухиќ, „Бигор шарпланинецот“. Овој роман во раскази, во издание на издавачкиот центар „Три“, е извонредна ода за пријателството, за нераскинливата поврзаност меѓу човекот и песот преку која се срочува филозофијата за меѓучовечките односи, за пријателството и воопшто за сеопштата поврзаност во природата. Во делот за дискусија, Ферид Мухиќ и неговата промоторка Виолета Танчева-Златева, ќе ги воведат идните читатели во содржината на овие страници посветени на луѓето и животот. А за оние што веќе успеаја да ја прочитаат книгата, разговорот со познатиот автор ќе биде одлично толкување и надополнување на пишаните зборови. Според Ана Димишковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, оваа трогателна сага е неверојатен прирачник за живеењето, навраќање кон вистинските вредности на животот. Мухиќ целосно маѓепсува со своите зборови носејќи нè до едно друго ниво во нивната длабочина. Филозоф и поет, научник и учител, Ферид Мухиќ има впечатлив опус со 52 објавени книги. „Бигор шарпланинецот – приказни за пријателството и храброста“ ја надополнува не само авторовата биобиблиографија туку и македонската книжевна ризница.
Comments