top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промоција: „Гранична состојба“ – нова стихозбирка на Лидија Димковска

28.06.2021 Juni Ponedelnik

Во „Буква“, на 28 јуни, со почеток во 20:30 часот ќе се одржи промоција на новата стихозбирка на Лидија Димковска – „Гранична состојба“, што е во издание на „Или-или“. За книгата и со авторката ќе зборуваат промоторките Искра Гешоска и Александра Јуруковска.

„Поетската збирка ‘Гранична состојба’ од Лидија Димковска е нејзина седма поетска книга, после временска пауза од четири години од стихозбирката ‘Црно на бело’. Таа претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација кој донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста“, посочува издавачот.

Во поговорот за книгата на Димковска, писателот Гоце Смилевски, пак, ќе напише: „Песните од новата стихозбирка на Димковска се директен одговор на горливите прашања кои ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска“.

Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Објавила шест поетски книги, три романи и една збирка куси раскази. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди, учествувала на голем број меѓународни книжевни средби, читања и резиденции низ светот.


1 view

Comments


bottom of page