Промоцијa:„Мистериозниот град под калето“ – интерактивна книга за деца
„Мистериозниот град под калето“ е наслов на интерактивната книга за деца од Александра Тодоровиќ, чија промоција ќе се случи вечер во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Делото е посветено на Скопје во периодот под османлиска власт. Илустрацијата е од авторот Марко Јанев.
– Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. Прввпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот и друго, информира „Арс Ламина“.
Авторката Тодоровиќ вели дека минала долго време во истражување на историското богатство на Скопје, со цел соодветно да ја конципира книгата.
– „Мистериозниот град под калето“ е првата книга од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“. Во неа се обработува османлискиот период на Скопје. Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија, има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје, додава авторката, за која ова е трета книга, а веќе подготвува и нови изданија.
Од „Арс Ламина“ соопштија дека „Мистериозниот град под Калето“ пред неколку месеци имаше и онлајн-промоција, а денешната промоција ќе ја води Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во издавачката куќа.
תגובות