Промовирано второто, дополнето издание на зборникот „Конески на 11 јазици“ на МСМЈЛК
Второто, дополнето издание на зборникот „Конески на 11 јазици“ на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше промовирано денес на платформата Зум. Зборникот ги вклучува преводите на учесниците од напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик на Првата зимска школа и на 54. Летна школа организирани од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Ова е Зборник, којшто излегува само неколку месеци по претходниот со исто име и притоа го надополнува, а покрај препевите на песни и преводите на (кратки) прозни текстови од Конески, ги вклучува и првите преводи на дел од култната книга „Разговори со Конески“, и тоа на руски, српски и словенечки. Во овој Зборник се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странските македонисти: академик Зузана Тополињска, академик Иван Доровски (кој во меѓувреме нè напушти), академик Виктор Фридман и академик Горан Калоѓера.
„Во Зборникот се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на МСМЈЛК за време на двете школи што се одржаа во Блажевата 2021 година. Така, Конески може да се чита на 11 јазици и тоа на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик“, истакнуваат од МСМЈЛК.
Бидејќи, токму Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ ја отвори манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ кон крајот на јануари поточно од 25 јануари до 5 февруари кога ја организираше Првата зимска школа на далечина (онлајн). На оваа активност, се надоврза и 54. Летна школа што се одржа од 15 август до 2 септември, која по пауза од една година повторно беше на своето старо место – во Охрид. „Групите семинаристи од двете школи кои својот интерес го насочуваат кон изучувањето на македонската литература и култура и кон преведувањето од македонски кон другите јазици како еден креативен чин беа составени од професори, преведувачи, докторанти и магистранти по македонистика, како и од студенти по македонски јазик и македонска литература, заедно со своите лекторки Роза Тасевска и Весна Мојсова-Чепишевски, потпомогнати со помладите колеги Јован Ковачевски и Елена Ѓорѓиовска, се најголемите ‘виновници’ за ова второ/дополнето издание на Зборникот ‘Конески на 11 јазици’“, додаваат од МСМЈЛК.
Зборникот се реализира во рамки на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, а со неговата промоција сака да се покаже дека Конески треба да се проучува, исчитува, преведува, па и прославува и по 19 декември 2021 кога се навршија точно 100 години од неговото раѓање.
Comments