Промовирани четири монографски изданија: Институтот за македонска литература остварува значајна изда
Промовирани четири монографски изданија: Институтот за македонска литература остварува значајна издавачка дејност
„Институтот за македонска литература во Скопје, секоја година остварува богата и значајна издавачка дејност и во иднина ќе настојуваме, со оглед на пандемиските услови и новите востановени начини на комуникација во културата, оваа своја дејност да ја направиме повидлива и достапна за пошироката публика. Во оваа пригода ги претставуваме авторските книги од минатогодишната продукција, коишто во пандемиските услови не успеавме да ги претставиме. Континуирано, ќе ја промовираме и годинашната продукција. Списанијата кои ги одбележуваат значајните годишнини, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и Коле Чашуле планираме да ги претставиме до крајот на годината, годинашните авторски изданија, пак, со оглед на условите ќе ги промовираме на пролет. Исто така, ќе настојуваме што поскоро да го претставиме и зборникот од значајниот билатерален проект со Факултетот за литература при Истанбулскиот Универзитет. Новото време налага нови императиви, па во насока на достапност и видливост ќе ги реализираме и новите истражувачки проекти“, истакна в.д. директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска на промоцијата на монографските изданија на оваа научна установа која се одржа синоќа во Македонскиот народен театар.
На средбата беа промовирани четири изданија на Институтот за македонска литература, којшто е годинешен добитник на високото признание, наградата 13 Ноември на Град Скопје и којшто неодамна го прослави јубилејот 40 години од своето основање.
Станува збор за научните дела „За песните и приказните“ од Наташа Аврамовска, „Магичен реализам: нова објективизација на стварноста“ од Јасмина Мојсиева-Гушева, „Античката литература во македонската културна средина“ од Дарин Ангеловски и „Од Прличев до Конески“ од Славчо Ковилоски.
За особеностите на овие книги излагања имаа Лорета Георгиевска-Јаковлева, Соња Стојменска-Елзесер, Елена Џукеска и Марина Цветаноска.
Георгиевска-Јаковлева, промоторката на „За песните и приказните“ од Аврамовска истакна дека ова е книга со многу различни интереси. „Четирите целини ‘Приказни за глобалниот: пазар, сцена и арена’, ‘Женското паметење на Балканот’, ‘Туршија и море од приказни’ и ‘Поетски гласови’ се обединети со доминантната тема на нејзиниот интерес – паметењето. Таа тематска нишка ја заокружува целината, поаѓајќи од колективната меморија и нејзините разновидни модуси на реализација преку личната, женската и/или укината меморија, меморијата за местото, односно културната меморија и завршувајќи со транскултурната меморија“, посочи Георгиевска-Јаковлева.
Како што рече, пак, Стојменска-Елзесер, промоторка на „Магичен реализам: нова објективизација на стварноста“ – “откако ги утврдува основните карактеристики на магично-реалистичкиот дискурс, во кој реалното и чудесното се интегрирани во ‘нова објективизација’, базирана врз митско-магична, онирична, ирационална визија на светот, Гушева, на позадината на релевантните теоретски искажувања, како што се оние на Венди Фарис, Фредрик Џејмсон, Скот Симпкинс, го определува магичниот реализам како феномен, стил на изразување, постапка во уметничката креација која има несомнено значење за творештвото од последново столетие кое се подведува под одредниците модернизам и постмодернизам, но и за актуелните и идни уметнички креации“.
За промоторката Елена Џукеска, книгата „Античката литература во македонската културна средина“ од Дарин Ангеловски нуди синтетизирана претстава за обемот, интензитетот, карактерот и содржината на рецепцијата на античката литература во македонската културна средина во долг временски период поаѓајќи од византискиот и средновековниот период, преку македонскиот XIX век, па сѐ до крајот на XX век.
„Kнигата ‘Од Прличев до Конески’ од Славчо Ковилоски е сплет од културолошки, литературни, историски, социолошки и родови видувања низ призмата на делата на познати и помалку познати личности, литерати, револуционери и интелектуалци од 19 и 20 век. Таа претставува збир од седумнаесет внимателно одбрани текстови (студии, есеи и записи) кои се однесуваат на македонската книжевна историја и изобилува со низа нови информации и архивски материјали и како таква е вистински извор и предизвик за понатамошни промислувања и проследување и воедно интересен запис и за пошироката читателска публика“, ќе посочи промоторката Марина Цветаноска.(Н.И.Т.)
Comments