top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Промовирана третата поетска книга „Излети“ на Цветанка Колева

Промоцијата на последното поетско дело на Цветанка Колева беше поводот синоќа во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци да се соберат на едно место голем број љубители на поезијата, поети и слемери од повеќе градови од Македонија.

Во воведната најава издавачот Тихомир Јанчовски од издавачката куќа„Сивејан“ од Скопје рече дека поетската книга „Излети“ на поетесата Цветанка Колева доаѓа по двете поетски книги „Ладно кафе“ во 2012 и „Ти, моја , безмилосна една“ објавена во 2019 година. На македонската поетска сцена своето доаѓање Цветанка го најави како една од четирите русалки, а покрај поезија пишува, слем поезија и кратки лирски нарации.

За поетската книга „Излети“ книжевниот критичар Трајче Бјадов кој добро го познава поетскиот ракопис на Колева ќе напише дека има многу драмско и лирско во нејзините стихови. Тие стихови како да се извлечени од живата река на постоењето, на разни секојдневни ситуации и разговори и читателот брзо узнава дека присуствува не на еден драмски монолог присутен во нечиј поетски ум, туку на еден вечен разговор на човекот и природата, човекот сам со себе, во себе, за себе, но и со другиот и во другиот…

Кога се читаат стиховите на Цветанка, читателот едноставно има чуство дека присуствува на случувањето на животот, онаму каде е сместена поетската ситуација, во природа, на улица, дома… Тоа е една врвулица од мисли и чуства, асоцијации и широки аналогии, во кои поетското јас напати длабоко се нурнува за да извади сознание или чуство, а неретко зазема ракурс од дистанца, односно коментира со надворешно набљудувачко око, иако како глас и субјект е учесник во поетската ситуација. Читателот има чуство како да слуша филм на радио кога минува низ стиховите на Колева, само што тоа не е снимен филм туку директен пренос од животот. Тоа дава еден посебен емотивен набој, затоа што тишината и празнината се фон на кој се водат суштински разговори за вечните теми и слушателот/читателот успева навидум од неповрзани исечоци кои зборуваат за разни доживеани состојби, размисли и емоции, да се соживее со актерите и повторно самиот да ги преживее во себе. Така, ова поетско писмо станува препознатлива особина на поетскиот ракопис на Колева – смета Трајче Бјадов кој меѓу успешните поетски слики ги издвојува песните „Соба“, „Весна“, Запис за татко“, „Доволно обична љубов“ и „Сета“.

Прекрасните интерпретации на стиховите на Цветанка Колева од страна на актерите Игор Трпчевски од Прилеп и Александар Малинков како и на слемерите Перо Сарџоски од Тетово и Горазд Китановски од Скопје направија синоќешната промоција на поетската книга „Излети“ на Цветанка Колева да биде редок и несекојдневен културен настан кој ќе се памети. Ми.М.



1 view

Comentários


bottom of page