Промовирана новата книга на Каролина Мицевска: „Записи“ – тридецениски потсет за едно време, состојб
Промовирана новата книга на Каролина Мицевска: „Записи“ – тридецениски потсет за едно време, состојби и луѓе„Tекстовите во ‘Записи’ остануваат како трајна вредност и документ, кои во годините што доаѓаат, може да послужат како извор за истражувачите. Тоа е и умешноста на Мицевска, што во својата пишана нарација успева да направи баланс меѓу објективното и субјективното и да го наведе читателот да го доживее моментот“, истакна рецензентката м-р Елизабета Арсоска на промоцијата на книгата „Записи“ во полната сала на киното „Мис Стон“, при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп
“Книгата ‘Записи’ е најмалиот заеднички содржател на тридецениската новинарска авантура на Мицевска, која одлучи на едно место да ги собере само најзначајните текстови со свој потпис. ‘Записи’ е ризница во која грижливо се одбрани новинарски бисери, меѓусебно неповрзани и објавувани во годините наназад, но чија вредност токму во ваква форма го достигнува максимумот“, истакна рецензентката м-р Елизабеа Арсоска на промоцијата на најновата книга на Каролина Мицеска – „Записи“.
Овој убав настан, во присуство на пријателите, колегите и на семејството, како и на претставниците на општинските власти, сегашни и поранешни, и други познати личности од јавниот живот во Прилеп и пошироко, се случи деновиве, во киното „Мис Стон“, при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Пред сите нив, на големиот екран беше одржана проекција на десетминутен филм за нејзиниот роман, на која од прилепските актери беа прочитани и фрагменти од нејзините текстови содржани во книгата.
„Записи“ е, всушност, втората по ред книга на Мицевска, во која се отсликани настани во Прилеп, луѓе што придoнеле за градот, но и оние што го посетиле во изминатите три децени.
„Пренесени се избор на репортажи, интервјуа и други текстови што успеав да ги најдам. Ние, новинарите, пишуваме за сите, даваме записи, а најмалку се грижиме за себе и да оставиме нешто. Целиот тој материјал го селектирав, го избрав најдоброто и, ете – ‘Записи’ е тука. Таа е една мала слика за сето она што се случувало изминатите 30 години. Во неа има и дел од неколку репортажи работени надвор од Македонија“, вели авторката и новинарка Каролина Мицевска.
Како што посочува рецензентката м-р Елизабета Арсоска, текстовите жанровски се поделени на три целини од вкупно 60 наслови, кои, сепак, носат ист печат, ист сензибилитет… Таа истакна дека кога новинар ќе одлучи да објави книга, тоа значи дека зад себе има долга километража, илјадници напишани реченици и проживеани три животи на просечен граѓанин. Според Арсоска, таков бил и случајот со Каролина Мицеска, хроничар на едно време.
„Тексовите на Мицевска отскокнуваат од просечноста, го надраснуваат новинарскиот израз и се стремат кон повозвишеното. И во сите три дела е содржана убавината на пишаниот збор на Мицевска, нејзината страст кон патувањата и острото око, кое забележува детали, нејзината дарба да го извлече најактуелното и најинтересното од интервјуата и, најмногу од сè, нејзината умешност за, како роднокраен гласник, надалеку да се слушне за пелагонските природни и културно-историски убавини. И сите текстови се напишани со еден несекојдневен израз, баланс меѓу новинарската и креативната реч, кои ретко кој пишувач може да го израмни“, додаде м-р Арсоска.
Таа, исто така, посочи дека плодот на новинарската инспирација, која Мицевска ја доживува со сите свои сетила, ја чувствува и ја пренесува, ја буди имагинацијата и на читателот, а нејзиното впуштање во авантура е автентично, едноставно и лесно.
„Мицевска го внесува читателот на интересни локации, некои малку познати, а други афирмирани дестинации во кои таа повторно открива помалку познати факти. И на тие импресивни патувања, таа вешто успева да ја пренесе приказната на читателот без разлика дали станува збор за модерна европска метропола или за некое помалку заборавено прилепско село. Прилеп е нејзина вечна инспирација и лајтмотив, но и Стибера, Зрзе, Дрен, Дервен… Делови од текстовите во ‘Записи’ остануваат како трајна вредност и документ, кои во годините што доаѓаат, може да послужат како извор за истражувачите. Тоа е и умешноста на Мицевска, што во својата пишана нарација успева да направи баланс меѓу објективното и субјективното и да го наведе читателот да го доживее моментот“, истакна м-р Арсоска на промоцијата.
Интересно е што оваа година Мицевска одбележува 30 години од својата кариера како професионален новинар, но и 20 години како новинар што работел во различни медиуми. Во последниов период, таа работи како советник за односи со јавност во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Каролина Мицевска е дипломиран новинар, м-р по комуникациски менаџмент и односи со јавноста. Првата нејзина книга е „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“. Низ годините, беше соработник со текстови во повеќе монографии. Објавува трудови во ДНУ Прилеп, учествува на меѓународни конференции, а има реализирано и десетина самостојни и групни изложби на фотографии во земјава и во странство.
За промоцијата на Прилеп, во 2016 година, ја доби наградата Трети ноември на Град Прилеп. (Д.Т.)
Comments