Промовирана монографијата „Македонскиот идентитет и македонското прашање, од античко време до 1912 г.“ од авторите Ванче и Александар Стојчев
07.03.3034 Mart Cetvrtok
-Монографијата „Македонскиот идентитет и македонското прашање, од античко време до 1912 г.“ зборува за текот на непрекинатиот процес на постоењето на македонскиот идентитет, јазик и култура низ историјата. Таа е одговор на оние што постојано го негираат македонскиот идентитет. Авторите не влегуваат во докажување на македонскиот идентитет, затоа што се докажува само она што е хипотеза, она што се претпоставува дека постои. А она што веќе постои само се утврдува. Исто така, ако нешто не постои, тогаш нема никаква потреба некој толку многу да се ангажира постојано тоа да го негира. Тоа е апсурд сам по себе. Но она што го потенцираат авторите е фактот дека имаме една реалност со која секој мора да се соочи, порано или подоцна, етаблиран македонски идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска литература, македонски фолклор и дека тоа е реалност која не може да се негира, рече проф. д-р Тодор Чепреганов на денешната промоција во Музејот на македонската борба на постхумно објавената книга од авторите, универзитетски професори Ванче и Александар Стојчев, историчари, специјалисти за воената историја на Македонија од античко до денешно време и крвно поврзани како татко и син.
Како што истакна Чепреганов, кој заедно со проф. д-р Наде Проева се уредници и рецензенти на монографијата, а која ја подготвија за објавување врз основа на собраниот материјал (архивска документација) од двајцата автори, таа е резултат на нивното неуморно истражување и копање по архивите низ Балканот, Европа и САД.
-Двајцата, кои за жал нè напуштија во 2009 и 2021 година, ги красеше неизмерна педагошко-истражувачка и научна љубов кон историјата, неуморност, посветеност, доследност и упорност во откривањето на архивски документи кои зборуваат за историјата на Македонија и македонскиот народ. Огромната библиотека која ја поседуваа беше натежната од книги и документи. Во монографијата и двајцата автори, Ванче и Александар, се имаат целосно вложено за да го презентираат пред македонската јавност процесот на конституирање на македонскиот идентитет и појавата на македонското прашање низ историјата, додаде историчарот Чепреганов, кој посочи и дека во договор со пријателот и колегата на Алаксандар, Димче Исаиловски, кој исто така ненадејно починал на почетокот на годнава, ја преземале обврската овој материјал (од антиката до 1912 година) да биде објавен.
Како што истакна Чепреганов, може да не се согласите со нивните ставови, но сето она што го презентираат е добро потковано со огромна архивска документација и објавени монографии.
-Според авторите „Историскиот процес на конституирањето на македонскиот народ, нација, трае речиси 28 века. Се развивал во специфични историски услови и бил под влијание на различни надворешни и внатрешни субјективни и објективни фактори“, додаде Чепреганов кој на промоцијата зборуваше за периодот кога се интензивира борбата за признавање на македонскиот идентитет.
На промоцијата зборуваше и историчарката Наде Проева која се осврна на периодот од антиката до османлиското владеење.
-Мора да припомнам нешто што недоволно се користи во нашата историографија како и во дипломатијата. А тоа е непобитната вистина дека за разлика од соседните народи Македонците својата држава ја создале не само без ничија помош, туку и со огромни пречки од соседите и од големите сили и затоа, како што се вели, задоцниле. Дури им се префрла дека не се државотворен народ, сè со цел да се скрши духот и самодовербата на народот и да се создадат услови за разнебитување на државата. И како што реков во тоа здушно им помага еден број од нашите неуки политичари коишто не знаат дека без историско знаење не може да се води геополитика во корист на својот народ, истакна Проева.
Инаку, ова е втора постхумно објавена книга на Ванче Стојчев. Првата беше монографијата „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“, објавена во 2011, во коавторство со Александар Стојчев. Како што спомена и Чепреганов посветеноста на Ванче Стојчев кон афирмирање на историјата на македонскиот народ одела до таму што при работата на монографијата за Букурешкиот мировен договор, со средства од сопствен буџет го финансирал преводот на огромниот број документи (821 страница) од сите инволвирани страни кои учествувале во процесот на поделбата на Македонија.
Ванче Стојчев (1951-2009) е основач на Воениот музеј на Македонија – во 2006 година. Треба да се потсети дека во 1996-та година во Воениот музеј на армијата на Република Турција во Истанбул, тој го откри легендарното Црешово топче користено во Крушево, во време на Илинденското востание. Истражуваше теми од воената и дипломатската историја на Македонија.
Александар Стојчев (1975-2021), од 2010 година до смртта беше раководител на Служба за воена историја – Воен музеј во Министерството за одбрана. Беше автор на бројни изложби и едукативни настани од национален и меѓународен карактер. Освен со музејска дејност и настава се занимаваше со научно истражувачка работа со нагласка на периодот на Балканските војни и Првата светска војна.
Емотивен настап на промоцијата имаше оперскиот пејач Борис Трајанов. (Н.И.Т.)
Comments