Промовиран првиот детски театарски практикум „Од игра до претстава“ од Игор Ивковиќ и Афродита Кирја
Во Младинскиот центар „Матично“ денеска беше промовиран првиот театарски практикум во земјава насловен „Од игра до претстава“ од авторите Игор Ивковиќ и Афродита Кирјаковска.
Практикумот е наменет за деца од предучилишна и училишна возраст, за нивните обучувачи, наставници, со што ќе ги поттикнат креативноста, личните емоционални, интелектуални и социјални компетенции кај децата и младите. Содржи стотина практични театарски игри, поделени во осум тематски целини. Секоја игра се состои од наслов, за што е корисна, опис, препорака или можни варијации и препорачани внимателности.
Промотори на изданието беа актерката, режисерка, пантомимичар и театарски едукатор Снежана Коневска и Милка Тримчевска, наставник по македонски јазик со долгогодишна педагошка и едукативна пракса. Соработник на практикумот е актерката Ирена Илиевска која работела на составување на вежбите за глас, говор и дикција, а уредник на изданието е Миодраг Костиќ.
Сите игри во практикумот се применувани во десет годишната едукативна пракса на училиштето за театар „Од игра до претстава“. Проектот е поддржан од Министерството за култура.
Практикумот од понеделник ќе биде достапен во поголеми книжарници во Скопје, а до крајот на месецот ќе биде достапен и во другите градови.
Comments