Промовиран зборникот на трудови „Антево дело“ во Куманово
Нецел месец од претставувањето во Скопје, во прекрасна атмосфера се одржа промоција на зборникот на трудови наречен „Антево дело“ и во градот Куманово. Низ програмата на овој настан водеше Ана Манасиевска, студентка на Катедрата за македонска книжевност и литература на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скопје. Во воведот, таа даде краток пресек на досегашните изданија на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. Притоа, посебно ги посочи петте досега реализирани конкурси за необјавена поетска книга на македонски јазик, со доставени рекордни 392 наслова во конкуренција за наградата „Антево перо“, петте издадени победнички збирки, многуте поетски читања и двата одржани симпозиума со идентичен наслов „Антево дело“, од кои вториот е со меѓународен карактер. Зборникот посветен на Антевото грандиозно дело, со одбрани зборови го претстави Кристина Николовска. – Зборникот од 2021 година донесува драгоцени истражувања и интерпретации што сериозно ја збогатуваат литературната и културолошката наука за делото на великанот Анте Поповски. Зборникот „вдоми“ дванаесет реферати од еминентни литературни научници, критичари, теоретичари, лингвисти, музиколози, културолози што истражуваа, анализираа и толкуваа разни аспекти на грандиозното дело на поетот и академик Анте Поповски. Симпозиумот е континуум што отвора нови можни перспективи, преку кои темелно, продлабочено и студиозно се откриваат нови и неистражени аспекти, квалитети и вредности на неговиот опус – истакна Николовска. Присутните поклоници на културата во Куманово имаа ретка можност да ја проследат и изведбата на беседата „Имајте ист век со сонцето! (Анте и Македонија. Македонија и Анте)“.
И на небото му кажа
И на небото му кажа за Македонија И на ѕвездите им шепна да ни се најдат И на историјата на светлината ѝ раскажа за нас и очите ѝ ги виде и таму нѐ запиша и каде ли се не нѐ одведе големиот Анте, та да нѐ прослави со словото ни?!
Ноќта е тајна врска со незнајното… Ноќта е сестра на тајните… Ноќва, ноќта е океан од Анте оти насекаде како Сина птица разлетан му е стихот, и сите камбани на сознанието ќе одекнат ноќва, а нашите грла се потресни камбаани, кои низ крик и низ болка го бараат него…
Генијалниот Анте… Колосалниот Анте Поповски… Џин на мислата и на стихот…
Comments