Промовиран алманахот „Десет години `Вечер на македонскиот афоризам` во Кочани“
Во библиотеката „Искра“ во Кочани се одржа промоција на алманахот „Десет години `Вечер на македонскиот афоризам` во Кочани“ од авторите Славица Цветкова и Јане Атанасов, а во кој е направен осврт на досега одржаните средби што ги организираше здружението Афористичка репрезентација на Македонија.
Во книгата се застапени 19 домашни и тројца странски автори кои во изминатата деценија директно учествувале со свои трудови на конкурсот за најдобар афоризам. Исто така, алманахот содржи детален преглед за добитниците на наградите за секоја година поодделно, како и за придружните содржини во рамки на манифестацијата.
-Со ова печатено издание го одбележуваме десетгодишниот јубилеј од организирањето на нашата манифестацијата Вечер на македонскиот афоризам, чиј домаќин е Кочани. За секоја година подготвувавме посебен билтен , а книгава што деновиве излезе од печат е сублимат на сите содржини, со дополнителни прегледи за доделените специјални и други награди. Во текот на изминатата деценија собравме над 1500 афоризми од педесетина афористичари од земјата и странство, така што автори на алманахот се токму тие, а нашата задача беше само да направиме систематизирање на нивните трудови, истакна Јане Атанасов, коавтор на книгата и претседател на Афористичката репрезентација на Македонија.
На промоцијата на алманахот беа презентирани дел од аформизите што биле наградени и се презентирани во него, а печатењето финансиски го помогна Општина Кочани.
Comentarios