Проекција на македонскиот краток филм „Мавера“ во МКЦ
11.07.2024 juli cetvrtok
Македонскиот краток филм „Мавера“ ќе ја има својата проекција на „Синедејс“, на 12 јули, во 20:30 часот, во Младинскиот културен центар. Овој краток филм е независен, снимен без никаква надворешна или државна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и „Апофенија пост“.
Двете сестри, Билјана и Вики, се соочуваат со сложени предизвици по смртта на својот татко. Постарата, Билјана, ја сноси одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека се соочува таа со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нејзиниот татко е починат. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска-Костовска.
Минатата година, на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“, од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во рамките на филмскиот фестивал „Sирни“, ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески”. Оваа година „Мавера“ беше претставен и на маркетот за кратки филмови во рамките на интернационалниот филмски фестивал „Clermont-Ferrand“.
Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, кој е и продуцент заедно со Стефан Ѓоргиевски, кој е директор на фотографијата. Монтажата е на Драган Спасов, дизајнот на звук на Ристо Алчинов, а костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз.
Comments