Проекција на биографскиот филм за Густав Малер
Кинотеката во соработка со Филхармонијата, вечерва, со почеток од 20 часот, ќе го прикаже биографскиот филм за славниот композитор Густав Малер, на сценаристот и режисер Кен Расел. Проекцијата на филмот за Густав Малер ќе го антиципира концертот на 13 април, кога оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе маестралната Симфонија број 5, која претставува совршена апотеоза на животот, љубовта и смртта.
„Малер“ е филм од 1974 година, во режија на Кен Расел, а главните улоги ги толкуваат Роберт Пауел, Џорџина Хејл и Ли Монтаг. Раскажана во низа ретроспективни сцени додека композиторот и неговата сопруга Алма разговараат за нивниот неуспешен брак за време на патување со воз, сторијата низ флешбек-секвенци го прикажува турбулентното детство на Малер, обременето со самоубиството на неговиот брат, искуството со антисемитизмот, неговото конвертитство од јудаизам во католицизам, брачните проблеми, смртта на неговата млада ќерка.
Расел ја истражува музиката на Малер и низ неговите односи со Козима фон Билов, ќерката на композиторот Франц Лист и вдовицата на Рихард Вагнер. Во улогата на композиторот Густав Малер настапува актерот Роберт Пауел познат по неговата иконична креација на Исус Христос во „Исус од Назарет“ на Франко Зефирели, како и од мјузиклот „Томи“ на Расел, реализиран во 1975 година.
„Малер“ е дел од творештвото на Расел, посветено на екранизациите на биографиите на славните класични композитори и уметници како Петар Илич Чајковски, Франц Лист, холивудската икона Рудолф Валентино (во интерпретација на славниот балетан Рудолф Нуреев)…
Comments