top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Проекции под отворено небо на тремот во МСУ

Вечерва, во 21 часот, започнува Летното кино со својата редовна филмска програма под отворено небо на тремот во Музејот на современата уметност – Скопје. Во наредните четири месеци, во рамките на Летното кино на музејот под отворено небо над градот, публиката ќе има можност да проследи десет креативни документарни филмови.

– Станува збор за внимателно избрани филмови, кои во себе не носат само дидактичка нишка туку на повеќе нивоа ги отвораат прашањата поврзани со животот и делата на уметниците, општествените и егзистенцијални теми, како и предизвиците на создавањата на делата и раководењето на музеите во 21 век – вели Дарко Набаков, одговорен за филмската програма и дел од стручниот тим на МСУ.

Летното кино на музејот ќе биде отворено со кинеско-американскиот документарен филм „Нашата временска машина“ (2019) од режисерите Ѕанг Сун и С. Лео Чанг, кој го следи создавањето на проектот на влијателниот кинески уметник Малеон. Филмот прикажува повеќеслојна медитативна уметност на агонијата на загубата и љубовта, како и кругот на животот. Филмот досега е прикажан на повеќе значајни светски филмски фестивали и добитник е на многу награди, меѓу кои: гран при за најдобар документарен на Меѓународниот фестивал во Минск, Белорусија во 2019 година, награда за најдобар интернационален режисер во рамките на „ХотДокс“, во Канада во 2019 година, награда за најдобар документарно-игран филм на фестивалот во Мелбурн во 2019 година, награда за најдобра кинематографија на Трибека филмскиот фестивал во САД, 2019 година, гран при од жири-комисијата на Азискиот филмски фестивал во Лос Анџелес, во САД, 2019 година и други.

Сите проекции на Летното кино на МСУ ќе се одвиваат на отворениот трем на музејот со почеток од 21 часот, влезот е слободен, а капацитетот е ограничен на 50 седишта. Проекциите ќе се одвиваат според пропишаните мерки во услови на пандемија. Следната проекција овој месец е закажана за 24 јуни (четврток) и ќе биде прикажан филмот „Музејски град“ на режисерката Џенифер Треинер, една од основачките на Музејот за современата уметност во Масачусетс.


3 views

Comments


bottom of page