Проекции од проектот „Ние сме тука: идни екологии“
Updated: Aug 10, 2021
09.08.2021 Avgust Ponedelnik
Британскиот совет, „Лукс“ и кураторката Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на Македонија, го реализираат проектот со наслов „Допирот“, дел од „Ние сме тука: идни екологии“. Тоа е една од петте уметничко-филмски програми за уметност на подвижни слики од колекцијата на Британскиот совет и ЛУКС, курирана од Тендаи Џон Мутамбу и развиена од Британскиот совет. „Допирот“ вклучува тројца македонски уметници и проекти што се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, маргинализација, правење убавина од грдото итн., и тоа: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување“, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото“ и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Силентио патологиа“. За да се децентрализира и да се прошири пораката на проектот како суштински исход, две дела со подвижни слики од проектот „Допирот“, и тоа „Ѕвездениот гласник“ на Бедвир Вилијамс и „Место на спојување“ на Кристина Пулејкова, ќе бидат претставени во Охрид, како најава на главната изложба, во јавен простор, пред центарот за култура „Григор Прличев“. Проекциите се одвиваа викендов и продолжуваат денеска. Главната изложба ќе се отвори на 15 септември, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ и ќе биде поставена до 15 октомври.
Во Западен Балкан, „Идни екологии“ е претставена преку програма на изложби, проекции и јавни настани, курирани од шест куратори од регионот. Во основата на програмата сe размената со Велика Британија и дискусии за широк спектар публика. Проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска и другите куратори, Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји.
Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и во Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за подвижни слики е да се иницираат разговори на тие клучни теми. Македонскиот концепт на кураторката Ана Франговска е насловен „Допирот“ и е петтата изложба во низата изложби на проектот во Западен Балкан. „Допирот“ се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот, кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта – велат организаторите на проектот.
Comments