top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Проекции на данскиот „Кариран нинџа“ на „Џифони филмски денови“

Во рамки на третата сесија од програмата „Џифони филмски денови“ на 23 април во Кинотека ќе се прикаже данскиот филм „Карираниот нинџа“. Во 10 часот филмот, синхронизиран ќе биде прикажан на македонски, а во 12 часот – на албански јазик.

Анимираниот филм „Кариран нинџа“ е наменет за публика од шест години нагоре. Приказната зборува за Алекс, ученик кој добива нинџа кукла од неговиот чичко Стјуарт по патувањето во Тајланд. Алекс наскоро сфаќа дека чудната шарена кукла, со копчиња неместо очи, всушност е жива и може да му помогне да се заштити од насилниците на училиште. Меѓутоа, кога Алекс одлучува да ѝ возврати услуга на нинџа куклата, тој открива дека е таа опседната со мисијата за одмазда.

Филмот е базиран врз книгата од данскиот комичар Андерс Матесен, кој исто така го режираше филмот заедно со Торбјорн Кристоферсен. Филмот беше селектиран во детската програма на Берлинскиот филмски фестивал 2018, а рушеше рекорди во кината низ Данска. „Кариран нинџа“ е добитник на наградата „Роберт“ од Данската филмска академија за најдобар филм за деца и млади, како и наградата за најдобро адаптирано сценарио.

Проектот „Џифони филмски денови“ е во организација на фестивалот „Џифони Македонија“. Инаку, како што истакна организаторот, првите две сесии на „Џифони филмски денови“ во изминатите две саботи поминаа во одлична креативна атмосфера, со многу интересни дискусии по прикажаните филмови. Љубопитните млади џифонци им поставуваа прашања на гостите од „Марви продакшн“ и на младата режисерка Леона Јариќ, кои ги претставија своите досегашни проекти.


2 views

Comments


bottom of page