Проектот „Простор за разговор“ – „Dancing (Talking) Table“ на 9 мај ќе се изведе во Гевгелија
Интерарт културниот центар во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, ја продолжува Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ – “Dancing (Talking)Table”. Следниот настан ќе се одржи на 9 мај, со почеток во 20 часот, во партнерство и соработка со Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија.
Во рамки на настанот ќе се изведе претставата „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски и сценско обликување и светло на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Ќе биде прикажан и филмот кој е специјално подготвоен на таа тематика, а пред публиката ќе се обратат, директорката на домот за култура, магистер по уметност, Мирјана Крстева Масети, Петар Јанчев, член на Интерсекторска група за родова еднаквост во Општина Гевгелија и Рисима Рисимкин, уметничкиот автор на проектот кои ќе зборуваат на темата за родова еднаквост и семејно насилство.
Националната турнеја на овој активистички проект се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со темата на родово еднаквост и родово базирано насилство.
„Простор за разговор“, своја премиера имаше на 26 ноември 2022 година во Мала станица во Скопје, и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Во месец мај турнејата ќе продолжи низ повеќе градови во земјава.
Comments