Проектите од културата ќе се поднесуваат до 6 ноември, за првпат по електронски пат
Updated: Oct 6, 2021
04.10.2021 Oktomvri Ponedelnik
На Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес за 2022 од областа на културата ќе се аплицира по електронски пат, и тоа првпат ќе се реализира од оваа година. Електронската апликација е отворена на веб-страницата на Министерството за култура и сите заинтересирани апликанти во областа на културата ќе можат да пријавуваат проекти до 6 ноември.
„Од 4 октомври до 6 ноември во 12 часот напладне е рокот за пријавување на Годишниот конкурс на поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година. Рокот за пријавување е продолжен бидејќи од оваа година за првпат аплицирањето ќе одвива преку електронски пат, со што ставаме крај на оние долгогодишни недостоинствени редици пред Министерството за култура“, рече на денешната прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска.
Како што посочи таа, електронската апликација е направена на што е можно поедноставен начин, за што од Министерството за култура се направени и обуки во центрите за култура низ повеќе градови како и во Скопје.
„Ова е од взаемен интерес на сите, бидејќи со оваа апликација се забрзува целиот процес од пријавување на проектите до изготвување на решение. Со затворањето и со испраќањето на пријавата секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-меил адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи, и што е многу важно времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите“, рече Стефоска.
Таа додаде и дека на последниот конкурс имало над 6.000 пријави. „Секоја поединечно рачно се заведуваше во архива, рачно се проверуваше дали е комплетна со документи, дали соодветствува на поставени услови на повикот, и рачно се внесуваше во компјутер. Така минуваа 60 денови само за таа процедура, а сега тоа е минато и направено во полза пред сè за оние кои конкурираат, значи во полза на културните работници кои се пријавуваат на конкурсот“, истакна Стефоска. Според неа, особено важно е дека електронската апликација ја елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или додаваат документи откако пријавувањето е завршено, со што се елиминира и секој сомнеж за коруптивно однесување при процесот.
Инаку, на веб-страницата на Министерството покрај електронската апликација се објавени и општите услови и условите за аплицирање во секоја дејност одделно, со цел апликантите да видат со колку проекти може да се конкурира по дејност. Министерката Стефоска истакна и дека електронската апликација не ги ограничува апликантите во смисла дека на неа може да се работи во повеќе наврати, пред да се испрати, а таа автоматски нема да се затвори. „И бидејќи нашето второ име, според менталитетот е ‘во последен момент’ ве информирам дека електронската апликација помина низ темелни тестирања за нејзината капацитетност и безбедност. Стручните лица уверуваат дека системот ќе ја издржи оваа наша карактерна особина. Но јас повикувам да не се чека последниот час за аплицирање, бидејќи тоа ни најсовршениот систем не би го издржал“, додаде таа.
На веб-страницата е поставено и видео упатство за постапката на аплицирање, а за секоја дилема или проблем достапни за објаснување, покрај на е-маил адресите, ќе бидат лица од министерството и на телефон. Стефоска воедно, на апликантите им порача дека бидејќи пандемијата сè уште не е на заминување, тоа да биде земено предвид при конципирањето на проектите. Воедно таа додаде дека Министерството ќе продолжи со обуките уште во неколку градови. (Н.И.Т.)
Comments