Продуцентите на Rust тврдат дека немало пропусти во безбедносните протоколи
Продуцентската куќа што стои зад вестернот Rust го оспори официјалниот извештај на властите на Ново Мексико, во кој се вели дека не биле почитувани правилата за безбедност при снимање. Одделот за животна средина на Ново Мексико спроведе истрага за случајот со пукањето на Болдвин и наметна максимална парична казна за Rust Movie Productions поради сериозни и намерни пропусти. Истрагата покажала рамнодушност кон безбедноста на вработените. Но, компанијата тврди дека ги применила сите важечки безбедносни протоколи. Во правните документи поднесени со цел да се оспорат наодите на властите во Ново Мексико, продуцентите исто така тврдат дека не прекршиле намерно ниту еден безбедносен протокол. „Сите актери што ракуваа со пиштоли имаа доволно обука, а помошник-режисерите добија инструкции да одржуваат состаноци за безбедност во деновите кога се користеше оружје“, се наведува во реакцијата на продуцентите. Таков состанок имало и утрото на фаталнто пукање, тврдат тие. Во октомври минатата година, по испукан куршум од пиштол реквизит, актерот Алек Болдвин ја уби снимателката Халина Хачинс и го рани асистентот на режија Џоел Соуза. Болдвин, кој беше и продуцент на филмот, претходно изјави дека нема поим како вистински куршум се појавил на сетот.
Comments