Продуцент на Rust најавува дека филмот ќе биде завршен
Еден од продуцентите на вестернот Rust, чие снимање беше прекинато минатата година по фаталниот инцидент во кој настрада камерманката Халина Хачинс, изјави дека филмот ќе биде завршен.
Хачинс беше убиена во октомври, кога пиштолот со кој актерот Алек Болдвин вежбаше вадење од футрола испука куршум и ги погоди неа и асистентот режисер Џоел Соуза. Соуза беше повреден, но преживеа. Инцидентот се случи во текот на снимањето во Ново Мексико.
„Уверени сме дека ќе успееме да го завршиме филмот“, рече Анџул Нигам, еден од продуцентите, како што пренесува „Холивуд репортер“.
Минатиот месец државата Ново Мексико ја казни продукциската куќа зад филмот (Rust Movie Productions) со максимална парична сума од 137.000 долари за, како што ги нарече „намерни“ безбедносни пропусти што довеле до смрт на Хачинс.
Компанијата соопшти дека не се согласува со ваквите наоди.
Болдвин, исто така продуцент на филмот, е именуван во неколку тужби поднесени во врска со смртта на снимателката, вклучително и една од нејзиниот сопруг.
Comments