Пристигнува технологијата „полуавтоматски офсајд“
Updated: Dec 1, 2021
30.11.2021 Noemvri Vtornik
ФУДБАЛ
Употребата на технологија за да им помогне на официјалните лица да донесат попрецизни одлуки за офсајд ќе биде тестирана на Арапскиот куп на ФИФА во Катар, кој почнува денеска, пишува „Би-би-си“. „Полуавтоматските офсајди“ работат со користење помеѓу 10 и 12 камери, кои собираат до 29 податоци за секој играч 50 пати во секунда. Ако забележи потенцијален офсајд, предупредувањето се испраќа до системот видеопомошник-судија (ВАР), кој потоа решава. Технологијата може да се користи на Светското првенство во фудбал во 2022 година. – ВАР имаше многу позитивно влијание врз фудбалот и бројот на големи грешки е намален, но има области каде што може да се подобри, а офсајдот е еден од нив. Свесни сме дека процесот на проверка на офсајд може да потрае подолго (од другите одлуки), особено кога е многу мал. Свесни сме и дека позиционирањето на линиите можеби не е 100 отсто прецизно. Поради оваа причина, ФИФА развива технологија што може да понуди побрзи и попрецизни одговори. Ова е познато како полуавтоматски офсајд. Одлуката за офсајд се носи по анализа на позицијата на играчите, но и нивната вклученост во играта. Технологијата може да повлече линија, но процената останува во рацете на судијата. Ова останува клучно – рече Пјерлуиџи Колина, шефот за судиите на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесе „Би-би-си“. Од воведувањето на ВАР во големите европски лиги, одлуките за офсајд се меѓу најконтроверзните, а некои голови беа поништени за најмал офсајд. – Ова се заснова на технологија за следење на екстремитетите. Софтверот ги обработува овие податоци и, во случај на офсајд, автоматизирано предупредување се испраќа до просторијата на ВАР. Тоа е причината поради која го нарекуваме „полуавтоматизиран“, на крајот, сепак, ВАР е тој што треба да потврди и го известува судијата на теренот за одлуката. Има две фокусни точки. Првиот фокус е на точката за удар, моментот на играње на топката, а вториот е кој е најблиску до голот, дефанзивецот или напаѓачот. Се надеваме дека со технологијата ќе можеме да бидеме побрзи и попрецизни – изјави директорот на ФИФА за фудбалска технологија и иновации, Јоханес Холцмилер, пренесе „Би-би-си“.
Comments