Принцот Чарлс ќе претстави збирка од 79 акварели
18.01.2022 Januari Vtornik
Највисокорангираниот член на британското кралско семејство, по 95-годишната кралица Елизабета Втора, принцот Чарлс, пронајде време во својот распоред, преполн со службени ангажмани во последниве 50 години, да наслика речиси 680 акварели. Збирката ќе биде изложена во гарнизонската капела од 19 век во воениот објект „Челзи“ во Лондон, објави АФП. Вкупно 79 дела ги прикажуваат шкотските планини прекриени со снег и пејзажи од Велс, француските провансалски врвови, гората Атос во Грција и Трансилванија во Романија. Со својата сликарска четка, 73-годишниот принц од Велс исто така ги овековечил швајцарските алпски зимувалишта Клостерс и Сент Мориц, како и францускиот дворец Ле Баро. Планините се омилен мотив на принцот Чарлс, особено Бен а Борд во Карнергирмс, во северна Шкотска, која ја насликал неколкупати во различни периоди од годината и од различни агли.
Како што објаснил во белешките за изложбата, која ќе биде отворена на 14 февруари, принцот Чарлс го одбрал акварелот бидејќи фотографирањето не му било доволно. – Сето тоа бара интензивна концентрација, но и покрај тоа, сликањето за мене е една од најрелаксирачките терапевтски вежби што ги знам. Во мојот случај, оваа активност ме пренесува во една друга димензија, што буквално ги освежува деловите на мојата душа што други активности не можат да ги допрат. Немам илузии дека моите скици претставуваат голема уметност или изблик на талент. Тие, повеќе од сѐ друго, претставуваат мој посебен облик на „фотографски албум“ и како такви многу ми значат – напишал принцот Чарлс. Акварелите тој понекогаш ги потпишува со А.Г. Карик, псевдоним создаден од иницијалите на неговите други имиња Артур и Џорџ и една од неговите титули, гроф од Карик. Кустосот на изложбата, Рози Алдертон, изјави дека Чарлс доаѓа од „лоза на уметници“. Неговиот татко, принцот Филип, кој почина лани во април, на 99 години, бил плоден сликар, како и кралицата Викторија, која владеела од 1837 до 1901 година. Таа, до кралицата Елизабета Втора, била најдолговечен британски монарх.
Comments