Принцот Вилијам ги осуди расните навреди против играчи на Англија
Принцот Вилијам, војводата од Кембриџ, изрази големо разочарување во врска со расистичките навреди на социјалните мрежи упатени кон фудбалери на Англија по финалето на ЕВРО 2020, во кое Италија ја победи Англија на пенали. Тројцата играчи кои ги промашија пеналите беа изложени на навреди на расна основа на социјалните мрежи. Војводата од Кембриџ го осуди „гнасното однесување“(како што напиша) на оние кои ги икористија социјалните мрежи за да ги бомбардираат со пцости и навредливи емотикони тројцата играчи кои ги промашија пеналите. Принцот Вилијам, кој е претседател на Фудбалската асоцијација (ФА), напиша на Твитер: „Ме боли расистичката реторика насочена кон играчите на Англија по синоќешниот натпревар“. „Сосема е неприфатливо играчите да го трпат ова гнасно однесување“, твитна принцот, додавајќи дека таквото однесување мора да запре и сите инволвирани треба да одговараат. Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, исто така, ги осуди „неприфатливите“ коментари. Тој нагласи: „Тоа не е она за што се залагаме.“ „Ние бевме светилник во обединување на луѓето и на сите оние кои можат да се поврзат со националниот тим, а националниот тим е за сите, и таквото заедништвото треба да продолжи.“ „Ние ја покажавме моќта што ја има нашата земја кога ќе се обедини и заедно ја имаме таа енергија и позитивност. Секој мора да запомни кога го поддржува својот тим дека тие исто така ја претставуваат Англија и треба да го претставуваат она за што се залагаме.“ Фудбалската асоцијација (ФА) претходно посочи дека луѓето кои оставаат расистички коментари не се добредојдени да го следат тимот. Портпарол на ФА рече: „ФА остро ги осудува сите форми на дискриминација и е згрозена од расизмот насочен кон некои играчи на Англија на социјалните мрежи.“ „Оние кои стојат зад ваквото одвратно однесување не се добредојдени да го следат тимот. Ќе сториме сè што можеме за да ги поддржиме навредените играчи, истовремено барајќи најстроги казни за секој одговорен. Ние ќе продолжиме да правиме сè што можеме за да ја отстраниме дискриминацијата од игра, но ја молиме владата да дејствува брзо и да донесе соодветно законодавство за ваквата злоупотреба да биде казнета.“
Comentarios