Примабалерината Марија Кичевска како Рајмонда во Варна, Бугарија
Македонската примабалерина Марија Кичевска ќе ја толкува улогата на Рајмонда во истоимената балетска претстава (копродукција на македонската Национална опера и балет и Државната опера – Варна), чија премиера е на 7 август во 21 часот во рамките на Операта во Летниот театар и ММФ „Варна лето“ 2021. Претставата во која игра и Ивана Коцевска, е во режија на Дејан Прошев, во кореографија на Олга Панго и под диригентската палка на Бисера Чадловска од македонската Национална опера и балет
„Рајмонда е прекрасен женски лик и една од трите водечки улоги во истоимениот балет на Александар Глазунов. Велат дека Рајмонда е една од најтешките партии во целата балетска историја и навистина е така. Постојат многу варијации, адажи, мора да танцувате со партнерот и ансамблот и сето ова е одличен предуслов за да го покажете најдоброто од себе“, вели македонската примабалерина Марија Кичевска. Таа ја толкува улогата на Рајмонда во истоимената балетска претстава (копродукција на македонската Национална опера и балет и Државна опера- Варна), чија премиера ќе биде одржана на 7 август во 21 часот, во рамките на “Операта во Летниот театар“ и ММФ „Варна лето“ 2021.
Кичевска во пресрет на претставата, која е во режија на Дејан Прошев, во кореографија на Олга Панго и под диригентската палка на Бисера Чадловска, додава: „Обично во балетите има две водечки улоги, а во оваа балетска претстава има три – Рајмонда, Жан де Бриен и Абдерахман. Рајмонда како Бајадерка, раскажува ретко убава приказна за љубов, како да ја освоиме и како да ја потврдиме. Партијата Рајмонда е исклучително убава, но во исто време е многу голема и тешка, особено на крајот од настапот. Многу сум задоволна што по четврти пат танцував со балетските уметници на Државната опера – Варна. Со нив се чувствувам многу добро како да сум дома. По наградата на Меѓународниот балетски натпревар во Варна имам посебен однос кон овој град. Со нетрпение ја очекуваме премиерата и се надеваме дека на публиката на Операта во Летниот театар ќе ѝ се допадне нашата „Рајмонда”, вели за Операта Варна, македонската примабалерина со светско реноме Марија Кичевска.
Во претставата „Рајмонда“, покрај Марија Кичевска, примабалерина на македонската Националната опера и балет, во улога на Жан де Бриен ќе настапи Никола Хаџитанев, првенец на Софиската опера и балет, Абдерахман ќе го толкува Павел Кирчев, првенец на Државната опера Варна, а „Белата дама“ – Ивана Коцевска, балерина од македонската Национална опера и балет. Дел од претставата се и Балет и оркестар на Државната опера Варна.
„Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството, честа и т.н. Во „Рајмонда“ тоа е Белата Дама со нејзиниот Бел Шал, инаку покровителка на благородничкото семејство на младата грофица Рајмонда де Дорис. Таа „секогаш“ е тука за да ја спаси честа на аристократите. Дилемата на младата грофица Рајмонда, кого да одбере за брачен сопатник, славниот благороднички рицар Жан де Бриен, или гордиот и властољубив сараценски јунак Абдерахман, Белата Дама, ја разрешува во корист на Де Бриен…
Инаку, според Павел Кирчев, кој во претставата го игра Абдерахман, балетот „Рајмонда“ не е поставен во Варна од 1971 година.
„’Рајмонда’ генерално е многу тежок наслов, што е ретко на репертоарот на оперските куќи. Со нашата нова продукција сега во Бугарија, „Рајмонда“ може да се види само на сцената на Државната опера во Варна… Среќен сум што со овој лик остварувам друг сон во мојот живот и додавам уште еден наслов на мојот репертоар. Одлично е да се здружиме со прекрасните балерини од Скопје, Марија Кичевска и Ивана Коцевска, кои одлично знаат балет, како и со Никола Хаџитанев, со кого дебитиравме во ‘Рајмонда’”, вели Павел Кирчев. (Д.Т.)
Comments