Примабалерината Марија Кичевска брилјираше во „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“ во Варна, Бугарија
10.02.2021 februari sreda
Ова нејзино успешно гостување и отвори врати и за понатамошна соработка со ансамблот на театарската куќа во Варна, каде доби честитки за одиграните главни улоги. Таа е веќе поканета да настапи и во претставите “Дон Кихот“ и повторно во “Лебедово езеро“, што треба да се случи наскоро. “Во Операта во Варна ме примија како да сум нивна. Освен Бугари, во балетскиот ансамбл имаше и странци, така што цело ова искуство беше позитивно за мене“, вели за весникот ВЕЧЕР примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска
Познатата македонска примабалерина Марија Кичевска-Шокаровска која има завидна интернационална кариера, деновиве се врати од своето успешно гостување во Бугарија, каде брилјираше во главните улоги во претставите “Оревокршачка“ и “Лебедово езеро“ на сцената на Операта во Варна. Ова нејзино успешно гостување и отвори врати и за понатамошна соработка со ансамблот на оваа театарска куќа. Таа е веќе поканета да настапи и во претставите “Дон Кихот“ и повторно во “Лебедово езеро“, што треба да се случи наскоро.
За поканата да настапува во Варна, Кичевска-Шокаровска за весникот ВЕЧЕР вели:
“Настапот на Оревокршачка на 30 јануари ми беше прва претстава по цели 11 месеци пауза поради коронавирусот, а потоа настапив и на 6 февруари во ‘Лебедово езеро’. ‘Оревокршачка’ за мене беше целосно нова трета верзија на оваа претстава. За настапите добив покана од Операта во Варна, а до соработката дојде по препорака на бугарски педагог кој држи балетски тренинзи и во Македонската опера и балет“, вели Кичевска-Шокаровска.
Таа додава дека за настапот на 30 јануари во ‘Оревокршачка’ имала седум подготовки и една генерална проба во Варна десет дена пред самиот настап. Таа ја толкувала улогата на Клара за која соработувала со Павел Кирчев, првенец – солист на Варна Балетот. Во ‘Лебедово езеро’, пак, таа ја одигра улогата на Одета/Одилија. “Убаво е да танцуваш Одета/Оделија во Лебедово Езеро, една од најсложените улоги во кои дијаметрално спротивни ликови се во прашање. Токму затоа оваа претстава е еден од моите омилени. Партијата Одета/Одилија ми е позната, ја имам танцувано во различни сцени, навистина ми се допаѓа танцот на белите и црните лебеди“, вели Кичевска. Во оваа претстава таа соработуваше со солистите првенци ФранцискоРуиз (принц Зигфрид) и Пол Кирчев (Ротбарт).
“Во Операта во Варна ме примија како да сум нивна. Освен Бугари, во балетскиот ансамбл имаше и странци, така што цело ова искуство беше позитивно за мене со оглед дека беа особено внимателни за сè што ми беше потребно. Честитките за мојот настап пак, дојдоа и од педагогот што ме предложи да гостувам во Варна , но и од директорката на Балетот во Варна која е Русинка, која била првенка во театарот во Кремљ и генералната директорка Даниела Димова и останатите во театарот. Но, и пред да ја изиграм “Оревокршачка“ бев поканета да играм повторно и во наредните претстави. Секако по гостувањата се враќам во мојата матична куќа Македонската опера и балет“, вели Кичевска-Шокаровска.
За да настапи на сцената во Бугарија таа мораше да има негативен ПСР тест, а претставите беа следени исто така со намален број на публика во салата во која задолжително се носеа маски.
Инаку, ова е само мал дел од богатата меѓународна кариера на Кичевска-Шокаровска која има одиграно голем број балетски улоги на сцените ширум светот. Таа на десетгодишна возраст почнува да го посетува националното балетско училиште “Илија Николовски Луј”. Во рамките на средното образование ја посетува четири месеци балетската школа на Париската Опера. По завршувањето на средното училиште се вработува во Македонската Опера и Балет, а по три години заминува за националниот театар Визбаден во Германија каде останува пет години. После тоа започнува со работа во Виенската Опера каде работи три години и потоа на барање на Македонската Опера и Балет се враќа во Македонија.
Националните театри во Сан Карло-Италија, Арена Ди Верона-Италија, Виенска Опера-Австрија, Визбаден-Германија, Кишнев-Молдавија… се само дел од светските балетски сцени на кои настапувала. Во 2006 година го добива бронзениот медал на Интернационалниот балетски натпревар во Варна-Бугарија и наградата за заслуги “RobertJоffreyAwardofMerit” на Интернационалниот балетски натпревар во Џексон Мисисипи (САД). Има изиграно и голем број на главни улоги, меѓу кои во балетите ‘Лебедово Езеро’ (Одета/Одилија), ‘Заспаната Убавица’ (Аурора), ‘Жизела’ (Жизела), ‘Рајмонда’ (Рајмонда), ‘Есмералда’ (Есмералда), ‘Оревокршачка’ (Клара), ‘Ана Каренина’ (Ана Каренина) и многу други… (Д.Т.)
Comentarios