„Прилеп џез-фестивал“ со богата програма
Од вечерва до недела, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи 11-то издание на фестивалот „Прилеп џез-викенд“, во организација на здружението за супкултура „ПП џез-фестивал“.
– „Прилепскиот џез-фестивал“ и овој пат ќе понуди одлична програма со повеќе концерти и перформанси, со што ветува доживување на ново и незаборавно искуство за сите љубители на добрата музика. Вечерва ќе се претстават групите „3јест“, експерименталното џез-фјужн трио од Скопје и „Метаформоза“ од Бугарија, предводени од Росен Захариев, еден од најдобрите трубачи во Европа. Триото на Гордан Спасовски, познат македонски пијанист, аранжер и композитор на џез-музик трио, и „Светлост + Одронритуал оркестар“ (Македонија), кои свират фри-џез зачинет со ворлд мјузик, ќе се претстават в петок, а в сабота настапуваат Гргур Савиќ, берлинскиот саксофонист и композитор, и „Вортекс фор“ (Хрватска), акустична група, составена од четворица одлични музичари, и „Драма квартет“ (Србија), од кои ќе слушнеме фузија на звуци од традиционален џез, фјужн, рок и модерен џез – најавуваат организаторите.
Во оф-програмата се предвидени концерти на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, како и во старата прилепска чаршија. На 28 август настапуваат „Некст ту сајленс“, кои ќе одржат концерт во кафе-барот „Оникс“, а ќе го проследиме и музичкиот перформанс на перкусионистот Гоце Наумов – „Кој тоа чука на Врбјанска Чука?“, што ќе се одржи на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
– „Прилеп џез-викенд“ веќе десет години е домаќин на најдобрите имиња од македонската, балканската и на дел од европската џез-сцена и е позициониран на картата на значајни музички манифестации, не само во Македонија туку и еден од позначајните во регионот воопшто. Во изминатите години сите што настапија на неговата сцена оставија белег во креирањето на фестивалската историја и извршија силно влијание врз прилепската публиката – вели Снежана Ристески, од „ПП џез-фестивал“.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и од Општина Прилеп. Ка.М.
Comments