Приказната за македонското ателје на изложбата „La Cité et l’Europe“ во Париз
„Тоа што Македонија поседува мало катче во Градот на уметностите каде што престојувале и престојуваат многу млади ликовни творци, е важно за нив, бидејќи собраното од таквите културни центри ќе го всадат во нашите простори за збогатување на нашето ликовно и културно богаство“, истакнува реномираниот македонски уметник Коле Манев по повод архивската изложба, која ќе биде отворена до 30 јуни, во Меѓународниот град на уметностите во Париз. На изложбата, од богатата архива се застапени и фотографии на македонски резиденти, на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров со Мадам Симон Бруно, основач на Градот на уметностите и академскиот сликар Коле Манев, кој имал можност да престојува и да твори во популарното Ателје во Париз
Во Меѓународниот град на уметностие (Cité internationale des arts) во Париз во тек е изложбата „Emersions: archive vivante“ (Повторно надвор: жива архива), која содржи архивски материјали од богатата историја на оваа реномирана фондација која обединува уметници од целиот свет, а дел од овие документи зборуваат и за врските со Македонија и македонските уметници. До 30 јуни се одржува првиот дел од изложбата, насловен “La Cité et l’Europe“ (Градот и Европа). На оваа изложба за постоењето и дејствувањето на Cité internationale des arts, од богатата архива се застапени и фотографии на македонски резиденти, на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров со Мадам Симон Бруно, основач на Градот на уметностите и академскиот сликар Коле Манев, еден од многубројните македонски уметници кои изминатите децении имале можност да престојуваат и да творат во ова уметничко катче во Париз, каде што има и нивни дела.
Токму уметникот Коле Манев за весникот ВЕЧЕР открива повеќе информации за македонското ателје во Париз, за самата изложба, но и за врските на Меѓународниот град на уметностите со македонските уметници.
„Имам чести контакти со челните луѓе од Cité internationale des arts, редовно си ги честитаме новогодишните празници и во оваа пригода, во преминот од 2021 кон 2022, секретарот на Градот на уметностите, Андре Искандар, честитајќи ми ја новата година, истовремено ме информираше дека е отворена изложба на архивски документи од Меѓународниот град на уметностите. Тој со радост ми посочи дека и Македонија е преставена на изложбата, а е влезена и во каталогот со неколку фотографии. Ми испрати една од нив, каде што сме со Мадам Симон Бруно, која заедно со својот сопруг Феликс Бруно е основач на ‘Сите дес артс’, а таа долги години ја вршеше и функцијата претседател. На истата фотографија се и поранешниот претседател Киро Григоров, колегата Трајче Јанчевски и јас. Драго ми е што, на некој начин, Македонија е претставена на оваа значајна изложба меѓу стотина други земји“, вели Манев.
Изложбата ја раскажува приказната за Меѓународниот град на уметностите во Париз од неговото основање во 1965 година. Застапени се архивски фотографии, сведоштва, документарни видеа од архивата на Фондацијата, во која се претставиле над 30.000 уметници од целиот свет. Оваа изложба – конципирана на темата „Градот и Европа“ – е дел од долгорочниот проект на Фондацијата, која предвидува и други две изложби.
Македонија има свое ателје во Градот на уметностите
Во 2002 година, Министерството за култура потпиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз за следните 60 години. Таа година е основано и Ателјето на Македонија, каде што продолжи континуираниот престој на македонските уметници кои дотогаш беа присутни во Париз преку ателјеата на поранешна Југославија.
„Република Македонија има свое ателје во ‘Сите дес артс’, а заслугата за тоа е, пред сè, на Мадам Бруно (со такво име е позната меѓу нашите ликовни творци). Се сеќавам, кога се нудеше сега нашето ателје, многу други земји, многу позначајни и повлијателни, сакаа да го добијат, но Мадам Бруно настојуваше дека ова ателје (меѓу последните во ‘Сите дес артс’) треба да го земе некоја од помалите земји, но која поседува значаен капацитет на ликовни творци. Ова не го велам за да ние си дадеме на важност, но навистина Мадам Бруно така мислеше и во тоа се увери при своите посети на Македонија. Се сеќавам, таа трипати ја посети нашата држава, тогаш остварив средби со неа и имав можност да ѝ ги претставам археолошките локалитети и убавините на нашата земја. Се разбира, и многу колеги имаат своја заслуга за воспоставувањето културно-ликовни врски меѓу Градот на уметностите и Македонија, како Глигор Чемерски, Кирил Ефремов, Томе Серафимовски, Паскал Гилевски, Тања Балаќ…“, се потсетува Манев.
Тој додава дека среќата или случајноста е причината за тоа што тој се нашол во приказната поврзана со Париз и Франција.
„По студиите во Белград и две години работа во тогашната Телевизија Скопје, заминав во Париз со намера да останам сосема кратко, да видам музеј и галерии и да се вратам. Но, се случи сосема спротивното. Останав во Градот на Светлината цели десет години, дејствувајќи како ликовен гастарбајтер за потоа, откако се вратив, редовно да го посетувам овој град, кој одигра значајна улога во мојата ликовна приказна“, додава Манев.
Тој додава дека во Градот на уметностите има повеќе од 300 ателјеа, главно сместени во центарот на градот, а мал дел на Монмартр. Тие се целосно опремени за повеќемесечен престој и секогаш се полни со уметници од целиот свет, понекогаш и независно од тоа за чие ателје се работи. Беше важно во нив секогаш да има уметници. Сите тие престои беа поддржани од државата од каде што доаѓа уметникот, а за престој во Париз се конкурира и во Македонија“, вели Манев.
Над 90 уметници од Македонија престојувале во ателјето
Од Министерството за култура, пак, посочуваат дека уште од основањето на Меѓународниот град на уметностите во Париз во 1965 година, голем број реномирани уметници од целиот свет учествуваат во програмите кои поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти.
„Во партнерство со 135 француски и меѓународни организации од над 60 земји, Градот на уметностите пречекува повеќе од 300 уметници од различни уметнички области за резиденции што траат до една година. На годишно ниво, шестмина ликовни или музички уметници од Република С. Македонија реализираат по двомесечен престој во Париз, а во договор со управата на Меѓународниот град, може да се организираат и самостојни изложби на нашите уметници. Од 2002 година, над 90 етаблирани, но и млади уметници од нашата држава имаат реализирано престој во ателјето“, посочуваат од Министерството.
Како што додаваат оттаму, но и според уметникот Коле Манев, престојот во Париз на еден ликовен или музички уметник е од големо значење за нашата држава.
„Како за нас, повозрасните, така и за новите генерации за кои верувам се жедни за нови ликовни и културни сознанија, престојот во Париз или во која било друга културна и ликовна метропола е значајна. Тоа што Македонија поседува мало катче во Градот на уметностите каде што престојувале и престојуваат многу млади ликовни творци е важно за нив, бидејќи собраното од таквите културни центри младите творци ќе го всадат во нашите простори за збогатување на нашето ликовно и културно богатство“, истакнува Манев.
Од Министерството за култура, пак, додаваат дека престојот во Меѓународниот град на уметностите е драгоцена можност за промоција и афирмација на репродуктивни македонски уметници и на нивното творештво во меѓународни рамки.
„За сиве овие години, преку повеќемесечниот престој во центарот на европската уметност, македонските уметници, што е особено важно и од помладата генерација, остварија трајни пријателства, ширејќи ја светската култура во земјава и афирмирајќи го македонското творештво надвор“, велат од Министерството за култура. (Д.Т.)
Comments