Приказна за Моцарт – музичко едукативна претстава за деца и родители во КИЦ на РМ во Софија
Во КИЦ на Македонија во Софија денеска ќе се одржи музичко едукативна претстава за деца и родители „Приказна за Моцарт“, во која учествуваат децата од Детското драмско и музичко студио при Здружението „Детски Свет“ од Скопје.
Автор на претставата е Сања Шуплевска Боирал, драматург Магдалена Ризова Черних, а продуцент Орце Ицковски. Ќе настапат Анастасија Аневска – Клара, Адриен Боирал – Карл, Александар Ицковски – виолончело, Ведран Андреевски – пијано, Дарко Богески – Моцарт, Леополд, Бетовен, Магдалена Ризова Черних – Кралицата и Сања Шупелвска – виолина.
Претставата се одвива во времето кога В. А. Моцарт ја пишувал својата последна опера – Волшебната Флејта во 1791. Главните носители-актери во претставата се во улога на детскиот состав од Волшебната Флејта. Тие прават експерименти и истражувања со главна цел да го спречат маестрото Моцарт во намерата да ја исфрли нумерата со деца од претставата. Претставата преку неколку сцени раскажува за моменти од животот на славниот композитор, неговото творештво, како и периоди од детството, патувањата, познанствата и родителството. Сцените се проследени со изведба и видео инсерти на неколку познати композиции од опусот на В.А. Моцарт Здружението „Детски Свет“ е непрофитна организација која од своето основање до денес спроведува бројни проекти значајни за општеството и културата, каде преку разновидни едукативни работилници се постигнуваат значајни резултати во однос на активното учество на децата и младите во промовирањето на културно-уметничкиот живот во РСМ. Целта е да се зголеми свеста за важноста на неформалното образование при активното вклучување во процесот на развојот на културата и уметноста во земјата.
Comments