Претставата „Работи за кои не зборуваме“ на балканско-европска турнеја
Updated: Dec 1, 2021
30.11.2021 Noemvri Vtornik
Претставата „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, копродукција на Македонскиот народен театар и Wonderland Theatre, од денеска ја започна балканско-европската турнеја која ќе трае до 27 декември. Гостувањето стартува во Србија, поточно во Центарот за културна деконтаминација, Белград. Еден од атрибутите на ЦЗКД, е способноста за брзо реагирање на актуелните општествени феномени, при што ги артикулира одговорите на проблемите и прашањата што се појавуваат секојдневно, односно проблемите со кои се занимава и оваа претстава.
По изведбата во Белград „Работи за кои не зборуваме“ ќе гостува во Народниот театар, Битола, а потоа следи патувањето во Полска и театарот во Радом (Teatr Powszechny Im. Jana Kochanowskiego). Театарот опфаќа многу широк спектар на оригинални изведби, класични дела изведени во традиционална и помодерна форма, мјузикли, интимни современи претстави, наслови наменети за младата публика како и андерграунд-сцената која е посветена на современата драматургија, како и на оригиналните и експериментални перформанси.
Кон втората половина на декември претставата ќе се одигра на фестивалот Денови на Јурислав Корениќ во Камерен театар 55 Сараево, Босна и Херцеговина, а актерската екипа: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски, патувањето го завршува во нашата земја со гостувањето во Народниот театар „Ацо Шопов“ во Штип.
“„Работи за кои не зборуваме“ е креирана според вистински приказни и сведоштва на актерите, како и на интимни животни искуства на разни лица. Изобилува со многу емоции кои произлегуваат од самиот текст, а поединецот слоевито ги препознава стравовите, тагата, болката, траумите и празнините на сопствената душа. Претставата носи силна порака за сите премолчени животни премрежја, трауми и трага по суровата вистина од која сите ние многу често се плашиме“, велат од МНТ. Претставата премиерно беше изведена на 16 октомври и за краток период ја освои театарската публика.
Comments