top of page

Претставата на Драмски „Се викам Горан Стефановски“ со две награди во Ниш

Драмски театар Скопје освои две престижни награди на театарскиот фестивал „Театар на крстопат“ во Ниш – наградата за најдобра претстава и наградата за режија. Наградата за најдобра претстава ја доделува жирито на тркалезната маса на критиката, додека наградата за режија ја доделува стручното жири на Фестивалот.

Ова е трето меѓународно гостување на претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ – „Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ. Драматург е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград. Драмски театар годинава имаше забележителни изведби на оваа претстава и на гостувањата на ревијалниот фестивал РУТА во Подгорица и на 56. издание на Стериино позорје во Нови Сад.

Инаку, Народниот театар од Ниш беше домаќин на шест театарски ансамбли од регионот, кои учествуваа во натпреварувачкиот дел. Претставата на Драмски театар Скопје беше изведена на 10 септември.

Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во периодот од 1987 до 2021 година („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“). Сценограф на претставата е Александар Дениќ, а автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.


 
 
 

Comments


bottom of page