top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Претставата „За нас почнува живот“ на „Вевчанско лето“ 2024

23.07.2024 juli Vtornik

Претставата „За нас почнува живот“ во изведба на актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви ќе учествува на „Вевчанско лето“ 2024. Претставата ќе се игра во среда на 24 јули со почеток во 21 часот во дворот на детската градинка „Планински цвет“. Влезот за посетителите е слободен. Оваа традиционална манифестација под покровителство на општината Вевчани има за цел да го збогати културното живеење на жителите и посетителите на овој значаен туристички регион во земјава. „Вевчанско лето“ 2024 што започна на 25 јуни и ќе трае до 31 август ќе понуди многу содржини со драмска и музичка програма, неколку изложби, промоции и повеќе спортски активности.

„За нас почнува живот“ е создадена по мотив од романот „Прав“ од Ѓерѓ Шпиро и својата премиера во Драмски театар Скопје ја имаше во декември 2022 година.

Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, асистент на режија е Дамјан Димовски, костимограф е Марија Папучевска а музиката е на Горан Трајкоски. Плакат и видеоматеријалот за претставата се изработени од Стојан Стојановски.

Авророт Ѓерѓ Шпиро е еден од најпознатите современи унгарски писатели. Тој е професор на Академијата за драмска и филмска уметност во Будимпешта и член на Унгарската академија за книжевност и уметност. За неговите драми тој е добитник на голем број меѓународни награди и признанија.  Ѓерѓ Шпиро повеќе пати ја освојувал и главната награда за „Најдобра унгарска драма на годината“.

Во програмската белешка режисерот Дејан Пројковски упатува дека претставата е смешна бидејќи таков е животот, но претставата е и тажна бидејќи како што знаеме таков е животот. „Претставата не се занимава со општите и глобалните планетарни теми. Светот одамна го заборави човекот. Светот престана да го бара човечкото во човекот. Секој човек е мал универзум, а ние заборавивме да зборуваме за тој мал универзум, заборавивме да се запрашаме што се случува со човекот“- истакнува режисерот.

“За нас почнува живот” е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден , што работи со нас , што ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото.

“Во претставата маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море . И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму…Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото” – вели режисерот Пројковски.

По летните гостувања театарската публика претставата “За нас почнува живот” од септември ќе може да следи на сцената на Драмски театар Скопје.


0 views

Comentarios


bottom of page