Претстава со која Коле Ангеловски одбележува 60 години творештво: „Птица со главата меѓу нозе“ преми
Според режисерот Ангеловски „Птица со главата меѓу нозе“ е “чудна комедија со среќен крај“.„Ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија, со пандемијата, од социјален аспект, од политиката… Приказни за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа видено од еден позитивен и комичен агол“, додава Ангеловски кој е и автор на текстот за претставата „Птица со главата меѓу нозе“, чиј автор и режисер е Коле Ангеловски е најновата претстава на Драмскиот театар Скопје која премиерно ќе се одигра на 10 ноември (среда) во 20 часот. Со неа Ангеловски годинава одбележува 60 години плоден и разновиден творечки опус како македонски театарски и филмски актер, театарски и филмски режисер, сценарист, драмски автор во нашата земја и регионот. Неговата професионална кариера започнува со филмот „Саша“ во 1961 година, уште кога бил студент на прва година на Театарската академија во Белград, а неговата биографија е импозантна, со околу 40 филмски и над 20 театарски улоги, околу стотина театарски и повеќе филмски режии, десетици режии на познати ТВ серии, авторство на драмски текстови и сценарија, повеќе награди… Според авторот, „Птица со главата меѓу нозе“ е “чудна комедија со среќен крај“. Но таа не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери. „Ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија, со пандемијата, од социјален аспект, од политиката… Приказни за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа видено од еден позитивен и комичен агол“, додава Ангеловски. Инаку, претставата го прикажува Климент, млад доктор, кој бил на специјализација во странство, и кој се запознава со една девојка, студентка по славистика која го владее и македонскиот јазик. Девојката никогаш не била во Македонија, па нејзината желба за посета на оваа земја ќе отвори нова приказна за неа и младиот Климент. „Текстот го пишував пред да започне пандемијата, некаде 2018 година и како да предвидов некои работи кои што се случија и кои сè уште се случуваат. Инаку, тоа е една љубовна приказна, љубов кон девојка, кон татковината, носталгична љубов кон професијата и сето тоа драматуршки ставено во еден интересен заплет. Во текстот 90 проценти од приказните мене ми се случиле во еден долг период на животот, тие се автентични, а второ ликовите кои што ги одбрав- ги пишував точно за тие што ги играат“, изјави режисерот Ангеловски на денешната прес-конференција. Во претставата улогите ги толкуваат: Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска, Симон Манасковски. На прес-конференцијата присутните актери изразија задоволство што секојдневно течат пробите, но и надеж дека оваа претстава ќе му донесе финансии на театарот со оглед на тоа што не работел одреден период поради ковид состојбата. „После толку време се надевам дека во театаров ќе има една претстава од фахот на едниствениот човек кој што знае да направи претстава со долг век на траење. Се радувам што ќе играме претстава за која сигурно по моето убедување и учество во претставата ќе се игра многу. Тоа на некој начин ќе биде празник за Драмски бидејќи театарот одреден период потполно беше пасивизиран и заради пандемијата и заради други состојби кои негативно влијаеа, а којшто беше еден од најдобрите во Југославија. Драго ми е што сум во оваа екипа, особено што работам со Коле. Екипата дишеше со една единствена и заедничка идеја, да направиме претстава без разлика на одредени слабости во периодот на работењето, меѓутоа ги извадивме најбитните елементи коишто секако ќе значат еден потврден успех на она што ние како актери го носиме“, рече актерот Ѓокица Лукаревски кој го игра ликот на Филимен. Стефан Вујисиќ, кој ќе го толкува ликот на Климент, пак, рече дека одамна не почувствувал толкав предизвик за работа. „Чест ми е што Коле ми ја додели оваа улога која е многу слоевита и има цело патешествие низ кое што поминува, ликот поседува интересни особини, мани, има сè за да биде комплетен лик за којшто се надевам дека со моите сили и способности ќе можам да го остварам и реализирам“, изјави тој. Според Благица Димитровска, која ја игра улогата на девојката, оваа претстава на еден интересен и забавен начин испраќа многу сериозна и важна порака. „Ние првично како актери кога прифаќаме улога, не прифаќаме само улога и текст, ние прифаќаме една идеја и една порака и мислам дека идејата и пораката која ја испраќа Коле, а која ги опфаќа темите кои што нè засегаат денеска, сега особено во вакво време мислам дека вреди да се видат. Ова е комедија, ова е убава позитивна претстава, меѓутоа пораките и темите коишто ги опфаќа Коле како тоа дека треба да се грижиме за животната средина, за животните, за луѓето, е нешто од кое и јас сакам да сум дел“, истакна Димитровска. Да потсетиме, Коле Ангеловски во неодамнешно интервју за весникот ВЕЧЕР истакна дека станува збор за интересна и откачена комедија, а нејзиниот наслов е симболичен. „Птицата е симбол на слободата. За неа не постојат граници, не постојат ограничувања. Таа каде сака може да лета, но ако главата ѝ е меѓу нозе, тешко може да лета. Таа ќе лета, ама ниско“, објасни Ангеловски. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Раде Василев, а музиката е на Кокан Димушевски. (Н.И.Т.)
Comments