top of page

Претседателката Сиљановска-Давкова лично им го честиташе успехот на кадетите и кадетките на Светското ракометно училишно првенство

18.06.2026 juni Cetvrtok

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во претседателската резиденција ги прими машката и женската кадетска училишна ракометна репрезентација, кои освоија медали на Светското училишно ракометно првенство што се одржа во Скопје.

Младите ракометари и ракометарки уште еднаш покажаа дека македонскиот спорт има иднина, а нивните успеси беа препознаени и од највисоко државно ниво.

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, им го честиташе успехот и им се заблагодари за витешката борба и достојното претставување на Македонија на светската ракометна сцена.

– Освоените медали се резултат на истрајна работа, темелна посветеност и исклучителен талент, како и награда за манифестираната способност за рамноправен натпревар со најдобрите училишни селекции во светот, што ве прави најдобри македонски спортски амбасадори.

– Ракометот е повеќе од игра – тој е животна филозофија во која се спојуваат дисциплината и страста, умот, вештината и храброста, личниот напор и колективниот дух“, истакна претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, ја истакна важноста на поканата, нагласувајќи дека за младите нема поголема инспирација кога честитките доаѓаат од врвот на државата.

– Неизмерно сме благодарни за укажаната покана и чест. Вашето внимание и присуство што им го посветивте на младите спортисти претставуваат силна потврда дека тие се движат по вистинскиот пат.Вашите инспиративни и искрени зборови се дополнителен мотив за нив и во иднина да продолжат со посветена работа, да останат верни на спортот и на вредностите што тој ги гради. Спортот е универзален јазик кој обединува и создава мостови меѓу младите.За нас претставува особена чест што токму Вие го отворивте Светското училишно првенство во ракомет – настан кој доби највисоки оценки од сите учесници, како и од пошироката јавност. Ова признание беше потврдено и од претседателот на Светската училишна федерација, Жељко Танасковиќ, што дополнително ја нагласува успешноста на организацијата и значењето на овој настан за нашата држава.

– Ова се моменти кои младите спортисти ќе ги паметат цел живот – моменти што ги обликуваат нивните соништа и ја зацврстуваат нивната љубов кон татковината.

Федерацијата на училишен спорт на Македонија изразува искрена благодарност до претседателката Сиљановска-Давкова за укажаната чест и поддршката што ја дава на младите спортисти. Ваквите средби претставуваат силен поттик за понатамошен развој на училишниот спорт и дополнителна мотивација за нови успеси на меѓународната сцена.


 
 
 

Comments


bottom of page