Преполовени средствата за јубилејните Рацинови средби?!
Јубилејното 60. издание на манифестацијата „Рацинови средби“ оваа година е поддржана со двојно помалку средства од лани?! Во реакцијата по повод резултатите од годишната програма на Министерството за култура, а кои со денови предизвикуваат револт кај незадоволните апликанти, од партијата ВМРО-ДПМНЕ посочуваат: „Културната меѓународна манифестација ‘Рацинови средби’, оваа година одбележува шеесет години од своето постоење. Тоа за власта, а посебно за министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ништо не значи, затоа што ѝ ги преполовува средствата за поддршка и ѝ доделува скромни 200.000 денари“. Оттаму велат дека во услови на финансиска криза можеби може да се најде некакво оправдување за ова, но прашуваат како таа иста финансиска криза не влијае за подобните невладини организации.
Во контекст на преполовениот буџет на „Рацинови средби“, од оваа партија потсетуваат дека и играната серија „Црвениот поет“, посветена на големиот Рацин, неколку години не е јавно прикажана. Иако продуцентската куќа „Сектор филм“ со неприкажувањето на серијата законски не ги оправдува добиените финансиски средства (23.000.000 ден.), велат, таа и понатаму продолжува да добива финансии за нови проекти.
„Агенцијата за филм, треба, доколку серијата не биде емитувана во рок од две години, според потпишаниот договор за финансирање бесплатно да ја понуди серијата на националните телевизии, но тоа досега не е направено, криејќи го филмскиот проект за Рацин од очите на јавноста. Оттогаш поминаа цели шест години, а „Црвениот поет“ ја чека својата премиера… Овој пат прашање нема да поставиме, затоа што знаеме дека одговорот е реторичен – жестока пресметка со сè што е поврзано со македонскиот национален и културен идентитет…“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Comments